Соединетите Американски Држави очекуваат преговорите за Украина да почнат во одреден момент, но исто така веруваат дека украинскиот претседател, Володимир Зеленски, е тој што треба да ги одреди условите за какви било мировни преговори, изјави постојаната претставничка на САД во НАТО, Џулијан Смит, додавајќи дека „Москва може да го запре конфликтот утре ако сака“.
– Се надеваме дека во одреден момент ќе има преговори. Нашиот претседател, Џо Бајден, неодамна рече дека оваа војна треба да заврши со договор, но ние сакаме сето тоа да биде во рацете на Зеленски. Тој треба да ги постави условите за преговарачката маса, која вклучува меѓународно почитување на признаените граници и преземање одговорност за постапките на руската страна – изјави Смит за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Според неа, НАТО и САД се во „дневен контакт со украинските воени команданти“, пренесува ТАСС.