Претседателот на Собранието Талат Џафери на редовната понеделничка координативна средба ги информирал координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието дека е формирана нова независна пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со осумтемина пратеници кои гласаа „за“ пристапување кон уставни измени.
Оваа пратеничка група, чиј координатор ќе биде пратеничката Елизабета Канческа Милевска, се очекува денеска да има разговори со своите колеги од СДСМ во врска со нацрт уставните амандмани, во согласност со нивните четири барања доставени прд гласањето за уставните измени.
Во петокот, кога и формално ги потпишаа актите дека ќе настапуваат независно и самостојно во нова пратеничка група, дел од пратениците информираа дека групата ќе делува опозициски, но и дека се отворени за нови пратеници.
Во Собранието до пладне не беа пристигнати нацрт-амандмните за уставните измени и нема официјални најави кога би можело да се случи тоа. Петнаесетдневниот рок истекува во петок.
Иако беше најавен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во Парламентот се уште не е доставен ниту Предлог-законот за амнестија.
Во Комисијата за финансирање и буџет, пак, започна расправата за ребачансот на Буџетот.