Новата италијанска премиерка Џорџија Мелони денеска пристигна во Брисел, каде по првпат во странство ќе има средби со високи претставници на Европската Унија, јави ДПА.
Попладнево таа има средби со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лејен и претседателот на Советот, Шарл Мишел, како и еврокомесарот за економски прашања Паоло Џентилони.
Претседателката на Европскиот Парламент Роберта Мецола на Твитер објави фотографија каде се ракува со Мелони и напиша дека Италија „отсекогаш имала централна улога во ЕУ“ и апелираше за соработка.
– Повеќе од кога и да било – со руската инвазија на Украина, вртоглавото зголемување на цените на енергијата и зголемената инфлација – треба да останеме обединети. Посилни сме ако останеме заедно – напиша Мецола.
Мелони, пак, денеска преку Твитер порача дека „гласот на Италија во Европа ќе биде силен“.
– Подготвени сме да се справиме со големите проблеми, почнувајќи од енергетската криза, да соработуваме за да најдеме решенија за поддршка на семејствата и бизнисите и да ги спречиме шпекулациите – напиша италијанската премиерка.
Мелони, екстремно десничарска политичарка, беше чест критичар на ЕУ и нејзините институции во минатото, што ја доведува до сомнеж околу посветеноста на нејзината влада да соработува со Унијата, наведува ДПА.