Фото: Принтскрин

Белата куќа изрази загриженост за развојот на неколку горливи надворешнополитички прашања, откако американските власти ја обвинија Северна Кореја за здружување со Иран во снабдувањето на Русија со оружје, за војната што ја води со Украина, пишува „Њузвик“.

Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби вчера им го соопшти ваквиот став на новинарите, истакнувајќи дека Пјонгјанг тајно ја снабдува Русија со значителен број на артилериски гранати, прикривајќи ги испораките, кои навидум се за Средниот Исток и за Северна Африка.

Тој исто така се осврна на претходните проценки кои индицираат дека Иран испратил дронови на Русија, и оти можеби е во процес на испраќање на ракети земја-воздух, кои би биле користени во конфликтот.

Портпаролот на Белата куќа истакна дека постои поголема загриженост од админстрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, отколку кога Владимир Путин ја покренал специјалната операција во Украина во февруари, кога рускиот лидер, според Кирби, не се потпирал на никакви странски извори на поддршка“.

– Загрижувачки е тоа што која било држава би го поддржувала Путин. Но исто така е знак колкав влог прави тој за продолжување на војната, со тоа што е подготвен да се обрати надвор за помош – кажа Кирби.

Тој порача дека САД ќе бараат соодветни мерки против Северна Кореја и Иран, почнувајќи од Обединетите нации, иако истакна дека не е веројатно оти сегашното ниво на проценетата помош за Москва од Пјонгјанг или од Техеран би било доволно за промена на текот на конфликтот.