Милчо Манчевски перфектно ја одигра ролјата на ѕвезда на уметничкиот филм на ТИФФ во четвртокот, кога одржа мастерклас што беше елоквентен, хумористичен, пркосен и по малку заканувачки“, пишува стручното списание „Варајати“.
По светската премиера на „Кајмак“ новиот филм на Милчо Манчевски и три распродадени проекции на Токискиот фестивал, режисерот е во центарот на збиднувањата во Токио. Одржа и мастерклас, кој имаше голем одглас кај публиката, а списанието „Варајати“ објави текст посветен на предавањето.
– Зборувајќи за креативните предизвици, авторската слобода и одлуките да снима вон холувудскиот систем и за тоа дека повеќе му лежи европската врска која публиката ја има со уметникот, на прашањето дали треба да се биде верен на жанрот, Манчевски меѓу другото вели: „Сакам нови предизвици. Мислам, особено за уметниците, тоа те држи буден и жив. А како уметник, суштествено е да си играш како дете. Но, потоа да си многу дисциплиниран во изведбата“. Тој кажува и за тоа колку му е важен долгиот процес на кастинг на глумци и долгите проби пред снимањето и заклучува: „Енергијата и изгледот на актерот се донекаде важни, но не толку многу“ – пишува во списанието.
Во меѓувреме, излезе и интервју со Манчевски за „Холивуд репортер“ во кое режисерот зборува за тешкотиите да се остане верен на уметноста, за „Кајмак“ како собирање крем на животот, за мајчинство, за антолошкото хип–хоп видео.
– Со маестралниот „Кајмак“, Манчевски, постепено со секој следен кадар и дијалог, ги освои суптилните Јапонци, тие ги почувствуваа животните дилеми на ликовите и предизвиците на обичниот човек, кои се секаде исти на планетава. Уште едно силно дело на Милчо и неговата извонредна екипа, кое значително ја збогатува светската кинематографија – истакна амбасадорот на Македонија во Јапонија, Горан Цеков, кој беше присутен на премиерата на „Кајмак“ во Токио и на мастеркласот.
Книгите на Манчевски станаа дел и од библиотеките Шочику и Националниот филмски архив на Јапонија.
Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите кин- сали низ земјава.