Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека завршија антитерористичките проверки во сите средни училишта на подрачје на град Скопје, кои беа направени по денешната пријава дека на мејл на едно училиште е упатена закана за поставена експлозивна направа и по направените проверки беше утврдено дека пријавата е лажна, а сите проверки се завршени без проблеми, соопшти вечерва МВР.
Претходно, Министерството информира дека денешната дојава за поставена бомба во едно училиште во Скопје се покажала како лажна пријава.
Од МВР за МИА информираат дека случајот во СВР Скопје е пријавен околу 14 часот, откако на меjл адреса на училиштето е упатена закана за поставена експлозивна направа.
– Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и антитерористички проверки, при што е утврдено дека станува збор за лажна пријава. Превентивно се евакуирани и други училишта во Скопје и во тек се детални проверки и на овие објекти, велат од МВР.
Ова е трет ден како на меjл се испраќаат пораки за поставени бомби. Во изминатите два дена, по направените проверки од страна на МВР беше утврдено дека пријавите се лажни.