Како се преведуваат „брука“ и „срамота“ на нивниот „чист македонски јазик“?

Дали Европската Унија го призна „чистиот“ македонски јазик со потпишаниот договор за Фронтекс и дали е тоа „прв договор потпишан на македонски јазик со Европската Унија“? Европската гранична и крајбрежна служба, Фронтекс, веќе одамна соработува со македонската гранична полиција. Изгледа неразбирливо, а и помалку налудничаво, тоа што европската гранична и крајбрежна служба, заедно со безмалку сите централноевропски гранични полиции, а и со многу повеќе европски и глобални надворешни разузнавачки служби, одамна дејствува на јужната македонска граница. За време на мигрантската и бегалската криза од 2015 година, надворешната граница на Европската Унија мистериозно се помести во Македонија, земја–кандидат за членство во ЕУ, наместо во Егејско и во Средоземно Море. Беше тогаш надреално да се работи и да се соработува со Европа, имајќи предвид дека јавно Македонија беше критикувана за својата строга политика за заштита на сопствената граница, а во затворените службени разговори беше славена и фалена, со поддршка да се издржи. Но, нејсе… Фронтекс, европската гранична и крајбрежна служба е, веројатно, прво европска федерализирана институција, па корисно е што Македонија ја уредува и ја формализира својата соработка со Варшава (седиштето на Фронтекс), а уште подобро е тоа што македонската гранична полиција ќе ги продлабочи своите врски со Фронтекс.
Но тоа не беше темата на муабетот…
Македонскиот јазик е службен јазик на Македонија од 1944 година, а исто така заедно со српскохрватскиот, односно хрватскосрпскиот, и словенечкиот е и службен јазик на втората, авнојска Југославија. Тоа во пракса значело дека целокупната службена комуникација во Македонија се одвивала само и исклучиво на македонски, а дека на сојузно ниво документите, прописите, стенограмите и целата друга официјална кореспонденција морала да биде на трите јазици и на нивните писма. Единствен исклучок од ова тројазично службено правило била внатрешната работна комуникација во рамките на сојузната администрација, војската и дипломатијата, каде што се користел исклучиво српскохрватскиот, односно хрватскосрпскиот јазик, со неговото латинично писмо.

Во меѓународната комуникација, пак, СФР Југославија најчесто го користи српскохрватскиот, односно хрватскосрпскиот јазик, но во случај Македонец да ја предводел делегацијата на Југославија, при потпишувањето на меѓународните договори во име на федерацијата, спогодбите се потпишувале на македонски јазик и на јазикот на другата договорна страна.
Притоа, на републичко ниво јазичниот суверенитет на Македонија бил целосен и неповредлив, па тогашна Македонија со федералните органи комуницирала на македонски јазик, а имајќи предвид дека републиките имаа и ограничен државноправен меѓународен субјективитет, Македонија го користела македонскиот јазик и при комуникацијата со странство.
Од осамостојувањето, па сè до денес, македонскиот јазик е единствениот јазик што Македонија го користи при потпишувањето меѓународни договори, спогодби, меморандуми, протоколи, анекси и други документи. Правото на избор на сопствен јазик е едно од составните одличја на суверенитетот во меѓународните односи. Употребата на македонскиот јазик во меѓународните односи на Република Македонија е регулирана со Уставот на Република Македонија, Законот за меѓународни договори, Законот за употреба на македонскиот јазик, но и со Виенска конвенција за меѓународно право на меѓународни договори од 1969 година (Македонија, како земја-наследничка на Југославија е потписник на конвенцијата). При секојдневната работа, пак, одговорни институции за следење на оваа тематика се Директоратот за меѓународно право при МНР, државниот протокол при МНР, потоа самото МНР, Владата, Собранието, претседателот и Уставниот суд.

Значи, за употреба на македонскиот јазик, како јазик на суверена држава, се избориле македонските партизани и народноослободителното движење од Втората светска војна, а нивните стремежи се преточени во законски норми уште со Второто заседание на АВНОЈ од 1943 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година. Правото да го користиме македонскиот јазик, како свој службен јазик и како јазик во меѓународна употреба е едно од придобивките на антифашистичката борба. Оттаму е и целиот отпор кон неговото негирање што доаѓа од официјална Софија, а кое е вградено во едностраната изјава на владата на Петков, поднесена до Советот на ЕУ годинава.
Значи, македонскиот јазик се користи, како службен јазик, за потпишување меѓународни договори уште пред јас да бидам роден (а, и пред да бидат родени актуелниот претседател, премиер, вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи).
Со Европската Унија, пак, Македонија има договорни односи уште од 1996 година и Спогодбата за соработка помеѓу Европските заедници и Република Македонија (инаку првиот договор помеѓу СФРЈ и Европските заедници го прегорвара и потпишува тогашниот сојузен министер, предложен од СР Македонија, Стојан Андов, но да не претеруваме со историските лекции). Па, тој договор е потпишан на македонски јазик, како службен јазик на договорната страна Македонија, и на тогашните 11 (единаесет) службени јазици на ЕУ, составена од 15 земји–членки. Оттогаш секој договор, протокол, анекс, меморандум и кој било друг документ помеѓу официјален Брисел и службено Скопје е потпишуван на македонски јазик и на службените јазици на ЕУ. Европската Унија ги има безмалку истите одредби, како и поранешната Југославија, па сите јазици на земјите–членки се службени јазици на ЕУ, а во внатрешната комуникација на органите на ЕУ се користат англискиот, францускиот и германскиот како работни јазици (сè почесто исклучиво англискиот јазик).

Поранешниот премиер Зоран Заев, помеѓу другите свои „заслуги“, ќе остане запаметен и како зборообразувач и фразообразувач, па тој ја збогати македонската лексика со многубројни дотогаш непознати фрази и зборови. Една од тие измислици е и нешто што тој го нарече „чист македонски јазик“. Македонистиката е целосно збунета иако сум убеден дека и таму ќе се најдат негови апологети, способни и волни да измислат цела „теорија на чист македонски јазик“, но тоа би имало еднаква академска тежина, како и некогашната „теорија на здружениот труд“, односно теоретска збунетост и безвредни трошење хартија. Самата фраза и укажува на личност што нема никаков однос кон македонскиот јазик, македонската култура и македонската државност, па се расфрла со празнословие за да ја покрие сопствената интелектуална, морална и лична беда.
Поразителна е состојбата каде што власта си подигрува со интелигенцијата на сите македонски граѓани и се труди да го одбрани неодбранливото. Македонија стана заложник на непринципиелните и на чудовишните бугарски барања, со потпишувањето на договорот Ковачевски – Петков. Тоа е единствениот факт, па ниту една лага, искривоколчување или манипулација не може да го покрие националниот срам и амбисот во кој што нè турна Зоран Заев во изминативе пет години.
Во Европската Унија не се влегува со предавства, потписи и одмакедончување, туку со макотрпна работа на натамошната демократизација, на економскиот раст и на создавањето услови за пристоен живот во Македонија. Владите на Зоран Заев и на СДСМ, од 2017 година, па сè до денес потфрлија на секоја точка и ја уназадија Македонија на секој план. Не само тоа, туку со нивното однесување и со нивните дејства тие секојдневно го уриваат угледот на Европската Унија во Македонија, создаваат антиевропско расположение и шират евроскептицизам. Не случајно рејтингот на ЕУ постојано се влошува со секој изминат ден владеење на Зоран Заев и на СДСМ.
Не знам како да им го преведам тоа на нивниот „чист македонски јазик“, но на мојот македонски јазик ова што ни го правеа во вторникот се вика „брука“ и „срамота“.

Ивица Боцевски