Повикот до бугарски граѓани и компании да ја купат македонската економија преку акции на берза и така да обезбедат контрола на државата, според економски и политички експерти, е бесмислен и нема никаква бизнис-логика
Нова провокација од „загрижени“ инвеститори од Софија
Унапредувањето на економските односи меѓу Македонија и Бугарија се ставени во сенка на политичките односи и влијанија што настојува да ги наметне Софија. Прашањата за економската соработка и за подобро инфраструктурно поврзување меѓу двете земји беа ставени во сенка поради националистичките ставови, на бугарското политичко водство во однос на непризнавањето на посебноста на македонската нација и јазик. Идејата за поблиско економско поврзување меѓу Софија и Скопје, која беше симболично промовирана од поранешниот бугарски премиер Кирил Петков, со отворањето „директна авионска линија“, се стопи во меѓупартиските игри за преземање на власта во Бугарија. Ако претходно од бугарските политичари пристигнуваа барања до Македонија за добивање некакви „гаранции“ за поголемо економско приближување и присуство на бугарските компании на македонскиот пазар, сега доаѓаат нови провокации од претставници на бугарски здруженија со препораки „Бугарите да ја купат македонската економија“! Деновиве од бугарската фондација „Македонија“ порачуваат дека е време Бугарите да купуваат акции во македонските фирми, со цел да се преземе контрола врз Македонија. Според видувањата на бугарските националисти, „треба да се искористи тешката состојба на македонската берза, каде што дневниот обрт бил меѓу 125 и 150 илјади евра, од кои 80 проценти доаѓале од една банка“.
Повикот до бугарски граѓани и компании да ја купат македонската економија преку акции на берза и така да обезбедат контрола на државата, според економски и политички експерти, е бесмислен и нема никаква бизнис-логика. Во основа, економските односи се раководени од интересот на компаниите. Капиталот е тој што ја детерминира политиката. Секој исчекор што би се направил во подобрување на економските односи е добредојден за Македонија и за Бугарија, смета Марјан Ѓорчев, поранешниот македонски амбасадор во Софија.
– Според моите досегашни согледувања, во иднина се отвораат многу можности за соработка. Од нивна страна тие добро стојат во информатичката област. Во Бугарија работи сериозна компанија што е високорангирана на регионално ниво во информатичките и дигиталните услуги. Вториот сегмент е хемиската индустрија, која по распадот на Источниот блок продолжи да се развива во Бугарија. Да не го заборавиме и тоа дека најголемите рудници за олово во Македонија се раководени од бугарски капитал. Секако, овде останува простор за подобрување на нивото на експлоатација на рудниците и за подобар стандард на рударите. Тоа што може да се понуди од двете страни се земјоделството и туризмот, а во последните години сѐ повеќе се зголемува туристичката размена според бројот на патници и ноќевања. Ако можам да заклучам, постојат многу причини за подобра економска соработка и една политичка, која нѐ спречува во тоа. Значи, ако се надминат тие политички несогласувања и од другата страна нѐ признаат дека сме Македонци, тогаш не постои пречка за идна економска соработка. Стравот дека на овој начин ќе го изгубиме нашиот економски суверенитет е неоправдан. Впрочем, истото чувство го имавме и со приватизацијата на големите македонски компании од грчки инвеститори. Сега, Грција заостанува во инвестициите и во трговската размена со другите наши најголеми партнери, како што се Германија, Велика Британија, Србија, Словенија, Бугарија – ни изјави Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор на Македонија во Софија.
Македонските бизнисмени и експерти посочуваат на тоа дека бугарските компании доколку сакале да инвестираат во македонската економија и имале некаков интерес можеле и досега да го сторат тоа, преку тргување на берзата. Здравко Савевски, доктор по политички науки, вели дека и овој повик е провокација, која не носи никаков ризик за земјата.
– Акциите на македонските компании се на отворен пазар и може да се купат од секого во светот. Бугарија, бугарската економија, поединците и тамошните капиталисти не се толку моќни за да реализираат еден ваков потег. Затоа една ваква идеја е само провокација што шири омраза – вели Савевски.
Вината за помалото економско присуство на бугарските компании на македонскиот пазар е на нивна страна, велат македонските бизнисмени. Со ваквото однесување, Софија прави грешка и наместо да ги надмине историските предрасуди, таа го им препушта пазарот на другите компании од соседството. Најдобар пример за дејствувањето на економските интереси се грчките компании, кои и во периодот на највлошени политички односи меѓу Македонија и Грција, пројавија интересирање да учествуваат во приватизацијата на македонските компании.
– Во услови на отворена економија, секој странец, па и Бугарите и бугарските бизнисмени, можат слободно да купуваат акции на Македонската берза и така да станат сопственици на фирми што котираат на берзата. Можат и директно да купуваат компании или да отвораат фирми во земјава и преку нив да купуваат што сакаат. Но прашање е дали тие бизнисмени имаат интерес и пари да направат такво нешто, зашто во бизнисот сè се гледа низ призмата на профитот. Веројатно нивните процени се поинакви од оние на оваа фондација, која има сосема друга цел – изјави бизнисменот Ангел Димитров. М.Ј.