„Портретот во фокус“ е насловена изложбата што го претставува богатото портретно творештво на познатиот македонски скулптор Илија Аџиевски. Тематскиот концепт што е издвоен од творештвото на Аџиевски, на публиката ќе ѝ биде достапен од денеска и ќе трае во текот на еден месец. Поставката ќе биде изложена во „Даутпашиниот амам“, а отворањето е закажано за 19 часот. На официјалното отворање, почит кон работата и делото на безмалку столетниот автор, во негово присуство, ќе искажат директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, кураторката Ана Франговска, виша кустоска во галеријата, и Јелена Лужина, писателка и поранешна професорка на Факултетот за драмски уметности.
– Портретот отсекогаш бил многу специфичен жанр, во која било ликовна дисциплина или медиум. Тој не подразбирал само добра занаетска подготвеност и фотографско, т. е. реалистичко празно пренесување, туку значи умеење да се проникне во тајните и суштината на портретираната личност, да се одгатнат нејзините тајни, вистини, внатрешни убавини, креативност, дух, суровост, мекост итн. Во тој контекст, и пристапот на Илија Аџиевски не бил да постигне академско-реалистична сличност, туку неговата намера била да ги пренесе најспецифичните особини на личноста што ја претставува, создавајќи своевиден коментар за нејзината продуховеност.
Оттука и најмногубројни се портретите на негови пријатели, духовно блиски личности, сограѓани со кои се познавал и ги делел задоволството и креативниот занес во создавањето уметнички творби. Меѓу нив имало и други ликовни уметници, поети, филозофи, писатели, естетичари, историчари на уметност или сродни по продуховеност пријатели – се вели во најавата.
Илија Аџиевски (1926 година) во 1946 година се запишал во тогашното художествено училиште во Скопје, кај професорите Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и другите основоположници на македонската современа ликовна уметност. Во 1949 година се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во класата на професорот Лојзе Долинар. Една година подоцна се префрлил на Академијата за ликовни уметности во Загреб, каде што дипломирал во класата на професорот Фране Кршиниќ, во 1954 година. Неговите студиски престои биле во Грција, Турција, Италија, Франција и во Египет. По завршувањето на Академијата, почнал да живее и твори во Скопје како слободен уметник. Од 1956 година тој е член на ДЛУМ. Во својот работен век има создадено голем број споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности и негови пријатели, како и статуети во помал формат. Изложувал на голем број самостојни и групни изложби, а добитник е на голем број признанија и награди. Живее и твори во Скопје.
Овој проект е дел од одбележувањето на Деновите на европското културно наследство. Советот на Европа ја почна иницијативата во 1985 година, а во 1999 година се придружи и Европската Унија, за да се создаде заедничка акција, која продолжи до денес. Програмата може да се пофали со 20 милиони посетители секоја година, а генерира најголема вредност од секој „европски“ културен проект.