Фото: Принтскрин/МИА видео

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот на партијата дека нема да поддржат уставни измени во Собранието под постојните услови.

– Ако мислат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи овие уставни измени под овие услови и овие околности, тогаш еве јавно кажувам дека тоа нема да се случи. Ние имаме јасна позиција – нема да поддржиме уставни измени под овие услови – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање за коментарот на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен дека очекува да биде обезбедено мнозинство и уставните измени да бидат изгласани во Собранието.

Мицкоски претходно, изминатиот викенд изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи уставни измени само доколку добие гаранции од ЕУ дека земјата ќе влезе во Унијата и дека за време на пристапниот процес, Бугарија нема да стави нови вета.

Во однос на пакетот на помош што го најави Фон дер Лајен, Мицкоски рече дека секоја помош е добредојдена и оти очекува таа да се продлабочи, пред се, со доделување грант во однос на изградбата на пругата кон Бугарија, финансиска поддршка и за коридорите 8 и 10а, како и за енергетски проекти, како што е изградбата на хидроелектраната Чебрен.

По однос на вчера потпишаниот Договор со Фронтекс на македонски јазик, Мицкоски посочи дека прашањето на јазикот е завршена работа, дека тој е признаен од Обединетите Нации и кодифициран со сите јазични и научни норми и поради тоа, никој не треба да го отвора ова прашање, додавајќи дека договорот е еден од стотиците спогодби што земјата ги има потпишано со меѓународни институции, вклучително и со ЕУ.

– Затоа велам, еден од стотиците кои што се потпишани во минатото. Македонскиот јазик е стекнато право, македонскиот јазик е признат заедно со српско-хрватскиот и словенечкиот јазик уште во поранешната Федерација, како дел од македонскиот идентитет, како дел од идентитетот на тогаш конститутивниот народ. Македонскиот народ е дел од ОН со самиот влез на таа поранешна Федерација, признаен од Обединетите Нации, кодифициран 77-мата. Тоа е константа и мислам дека колку повеќе ја отвораме оваа тема толку е полошо за нашиот идентитет. Тоа е затворено прашање, не треба воопшто некој ниту да го отвора, ниту да го подотворува. Македонскиот јазик е константа и за тоа не треба преговори и разговори – истакна Мицкоски, кој при тоа го поздрави договорот со ФРОНТЕКС, оценувајќи го како додадена вредност во сферата на безбедноста.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска се обрати на регионалната средба на Европската народна партија која ја организира фондацијата „Конрад Аденауер“, на која ќе стане збор за локалното вмрежување на сестринските партии од десниот центар од Балканот, за евроинтегративните процеси и за актуелната политичка состојба во регионот.