На две кола до крајот на турнирот, најуспешен македонски шахист е ИМ Тони Лазов, кој е седми, а шахистка Ивана Манова, која е на 40-то место
Рускиот велемајстор (ВМ) Антон Демченоко (2.645, рангиран на првото место пред почетокот на турнирот), со победата над најдобриот македонски шахист Кирил Георгиев (2.538), во седмото коло на меѓународниот турнир „Опен Скопје 2022“, има шест поени и им се приклучи на врвот на ВМ од Азербејџан, Вугар Расулов (2.515), и на ВМ од Црна Гора, Лука Драшковиќ (2.492), кои, пак, во ова коло го поделија поенот играјќи меѓу себе.
На две кола до крајот на турнирот, најуспешен македонски претставник е интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов (2.350), кој со 5,5 поени е на седмото место, а македонска шахистка е Ивана Манова (1.876), која е 40-та, со четири поени. Лазов во ова коло го победи ФМ Александар Кралевски (2.089), а Манова го совлада Гркот Каралампос Папакириакоу (1.421). Засега одлично игра и 19-годишниот Андреј Велјаноски (2.282), кој со ремито против ВМ од Бугарија Петар Арнаудов (2.472) е на деветтото место, со пет поени.
На турнирот играат вкупно 129 шахисти и девет шахистки (11 ВМ, 3 ИМ, 6 ФМ, 1 ШФМ) од Македонија, Азербејџан, Индија, Мексико, Молдавија, Шпанија, Русија, Романија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Косово, Грција и од Бугарија.
Некои резултати од 7. коло: ВМ Расулов – ВМ Драшковиќ реми, ВМ Георгиев – ВМ Демченко 0-1, ВМ Дражиќ – ВМ Неведничи реми, Тсанакис – ВМ Ѓукиќ 0-1, Велјаноски – ВМ Арнаудов реми, ВМ Корнеев – Гаврилов 1-0, ФМ Суковиќ – ИМ Дулипала реми, ФМ Илиќ – ВМ Станојоски реми, ИМ Лазов – ФМ Кралевски 1-0, Лефтериотис – Михов 0-1 итн. Г.И.