Експертите за безбедност укажуваат да се биде крајно внимателен со покажување на личните податоци пред непознати лицаa

Извештајот за глобалниот тренд на криминалот што неодамна го објави Интерпол користи податоци од 195 земји-членки за да ги мапира моменталните и очекуваните закани во светот. Шверцот на дрога традиционално доминира на листите на закани од криминал, тој е константа што не се менува низ годините, меѓутоа забележан е пораст на сајбер-криминалот и за време на епидемијата и по неа. Пандемијата го даде
својот придонес во порастот затоа што голем дел работи се префрлија во онлајн сферата, а тоа остана така и по завршувањето на пандемијата

ИЗВЕШТАЈ НА ИНТЕРПОЛ ЗА ГЛОБАЛНИОТ ТРЕНД НА КРИМИНАЛОТ

Полициските сили низ светот, во анкета што ја спроведе Интерпол, ги дадоа своето мислење и досегашно искуство за тоа во кои насоки се движи криминалот и во кои области очекуваат пораст. Овие податоци всушност го сочинуваат најновиот извештај на Интерпол за глобалниот тренд на криминалот. Во извештајот се сумирани податоците од сите земји-членки на оваа полициска организација, кои, од досегашното искуство и процена, говорат за тоа во кои насоки очекуваат да има пораст на криминалот.

И ПОЛИЦИЈАТА ОЧЕКУВА ПОРАСТ НА САЈБЕР-КРИМИНАЛИТЕ

Повеќе од 60 проценти од испитаните земји-членки на Интерпол ги рангираа злосторствата како перење пари, барање откуп, фишинг и онлајн измами како високи или многу високи закани за луѓето и голем товар за полициските сили низ светот.
Над 70 проценти од испитаните полициски сили дале одговор дека очекуваат злосторствата како компјутерски сајбер-напади со вируси и фишинг-нападите значително да се зголемат во следните три до пет години.
Извештајот се базира на искуствата на полициите на сите 195 земји-членки на Интерпол, а е дополнет и со досегашните искуства на самата организација.
Финансискиот криминал и компјутерскиот криминал секогаш се поврзани, бидејќи значителен дел од финансиската измама, ако не и целата измама, се случува преку компјутер, а сајбер-криминалците исто така зависат од финансиските измамници за да ги исперат нивните незаконски придобивки.
Досега, сајбер-криминалот како закана им беше познат на полициските сили, меѓутоа тој стана брзорастечки тренд, кој нагло почна да се шири од почетокот на пандемијата на коронавирусот, заедно со финансискиот криминал, вклучувајќи го и перењето пари.
Шверцот на дрога традиционално доминира на листите за закани од криминал, тој е константа што не се менува низ годините, меѓутоа забележан е пораст на сајбер-криминалот и за време на епидемијата и по неа. Пандемијата го даде својот придонес во порастот затоа што голем дел работи се префрлија во онлајн сферата, а тоа остана така и по завршувањето на пандемијата.
Со масовната преселба на интернет, тука се пресели и криминалот, па несомнено е јасно дека порастот на сајбер и финансиските злосторства ќе се зголеми.
Хакирање деловна пошта, измами со лажни претставувања, инвестициски измами, хакирање софтвери, напад на големи компании, влади и министерства ескалираа во сите региони во светот. Уцените исто така бележат пораст. Заканите со објавување лични податоци доколку организациите не добијат финансиски надомест исто така бележат пораст.
Според полициските сили, перењето пари е еден од најголемите криминали во светот. Дури 67 отсто го рангирале ова дело како „високо“ или „многу високо“ во нивната листа. Откупот на софтвер, или познато како хакирање софтвер за откуп, е рангиран како втора највисока закана, со 66 отсто, а според полициите, се очекува пораст на ова кривично дело.
Најпоразувачки се резултатите за порастот на онлајн сексуалната експлоатација на деца, за која 62 проценти од полициските сили во светот очекуваат да се зголеми. Во извештајот се наведува дека се очекува пораст и на побарувачката и производството на материјали од сексуална експлоатација на деца. Пораст беше евидентиран и за време на пандемијата.
Поделувајќи ги резултатите по пет светски региони, извештајот на Интерпол покажува дека иако некои закани за криминал се високорангирани во сите географски зони, други се разликуваат според регионалните и националните фактори.

КРИМИНАЛНИ ТЕКОВИ ВО ЕВРОПА

Иако извештајот ги третира делата што изминатите години вртоглаво растат причинувајќи им сериозни проблеми на полициските сили во светот, сепак, во различни делови од Земјината топка криминалните организации реализираат различни илегални дела.
На Стариот Континент, дури 76 отсто од испитаните полициски сили од Европа очекуваат онлајн сексуалната експлоатација на деца значително да се зголеми во следните три до пет години. Извештајот на Интерпол забележува дека побарувачката за злоупотреба на пренос во живо постојано се зголемува во последниве години, што веројатно се интензивира за време на пандемијата. Додека злоупотребата на деца во живо на далечина најчесто се случува во Југоисточна Азија, неодамна се откриени случаи и во Европската Унија.
Трите главни закани со кои моментално се соочува Европа, според испитаните безбедносни власти, се фишинг и онлајн измами (62 отсто), перење пари (60 отсто) и трговија со синтетички дроги (57 отсто).
Извештајот беше претставен на 90-от состанок на Генералното собрание на Интерпол, кој се одржа од 18 до 21 октомври, во Њу Делхи.


Што е сајбер-фишинг?

Тоа е облик на измама што опфаќа збир на активности на неовластени корисници преку користење лажни пораки од е-пошта и лажни веб-страници на поголем дел од финансиските организации, обидувајќи се од корисниците да добијат доверливи лични податоци, како што се ЕМБГ, корисничко име, ПИН-броеви и сл. За жал, голем е бројот на корисници што не се запознаени со овој вид измама. Штом еднаш ќе дојдат до доверливите податоци, злонамерните испраќачи или сами ги користат или им ги продаваат на други криминалци. Во пораките најчесто се повикуваат на лажни веб-страници, кои според изгледот целосно одговараат на веб-страниците на легитимните компании (фирми).

[email protected]