Фото: Игор Бансколиев

Фактот што бројката на вербални и физички инциденти меѓу учениците е сѐ поголема јасно покажува дека нешто недостига во општествениот систем на развој на децата и младината. Од домашното воспитание и образование, до институционалното и повторно да нагласиме – воспитание и образование! Повторувањето на овие две општествени вредносни категории во гореспоменатиот контекст не е грешка, ниту треба да се сфати како попусто нагласена. Ако денес генерациите растат без соодветен вредносен систем, чиј интегрален дел се воспитувањето, образованието, моралните и етичките норми, вклучувајќи го и систематското усвојување на знаењето и вештините, тогаш се поставува прашањето какво општество ќе создадат тие во иднина

Поразувачки информации поврзани со физички пресметки на малолетници беа објавени во медиумите изминатиов викенд. Полицијата евидентирала неколку тепачки, напади и обиди за тепачки меѓу млади лица. Една во Куманово, една во скопски Карпош, една во Гази Баба, а минатиот викенд, 200 средношколци договорија масовна тепачка во Аеродром. За среќа, овој инцидент беше навремено спречен од страна на надлежните.

ДАЛИ ПОТФРЛА „СИСТЕМОТ“?

Се чини дека младите си пронајдоа некаков начин своите проблеми да ги решаваат со вербално и физичко насилство. Тоа е заклучокот што неминовно се наметнува како резултат на сѐ поголемиот број физички пресметки меѓу средношколците во земјава. Неодамна, исто така, лични пресметки се реализираа меѓу нив во скопските автобуси, каде што исто така полицијата мораше да интервенира. Се поставува прашањето од каде младите научија дека насилството е решение за сите проблеми. Дали се виновни родителите, образовниот систем, социјалните мрежи – од каде децата научија дека „со ќотек кон послабиот ќе добијат сатисфакција“?
Во минатото, насилството беше најостро осудувано, а мерките беа ригорозни. Активирани беа психолози, педагози, директори на училишта, семејствата…
Денес се чини дека никој не обрнува внимание на овој феномен. Сите си бркаат „своја работа“. Родителите се на работа и се соочуваат со секојдневни егзистенцијални проблеми, професорите се во иста кошница, дури и полоша, затоа што многумина од нив се плашат од реваншизам од учениците, па премолчуваат, училиштата повеќе не се тоа што беа, па на децата им остануваат социјалните мрежи од каде што ги црпат сите примери, кои, за жал, се ужасни.
Фактот што бројката на вакви инциденти меѓу учениците е сѐ поголема јасно покажува дека нешто крупно недостига во системскиот пристап кон младите, па и во самото општество. Ако денес генерациите растат со насилство, какво општество ќе создадат тие во иднина?

НАСИЛСТВОТО СТАНА НАЧИН НА ЖИВОТ

Според психолозите, време е да се вклучи алармот. Фактот што 200 средношколци изминатата недела се договараа и за малку ќе беа вклучени во групна тепачка воопшто не е за занемарување.
И додека до вчера цртаните филмови, филмовите и видеоигрите беа обвинувани за насилство меѓу младите, денес психолозите и социолозите истакнуваат дека насилството меѓу младите во земјите од регионот стана начин на живот.
– Врсничкото насилство не се однесува само на поединци, туку има длабоки социјални корени и затоа неговото сузбивање мора да вклучува пошироко општествено дејствување и напори од сите, а кога станува збор за овој проблем, треба да се обезбеди помош и едукација за жртвата, како и за сторителот.
Пренесувањето на проблемите од еден на друг е прашање на колективна одговорност и потоа се губи индивидуалната одговорност. Мора да се воспостави лична одговорност за да можеме да го решиме проблемот. Насилството често произлегува од семејството и треба да се обезбедат помош и едукација на жртвата, но и на насилникот. Децата во некои семејства знаат за физичкото насилство како единствен начин за решавање на проблемите, па го пренесуваат на училишната средина. По секое насилство од врсници треба да им се обезбедат помош и едукација и на жртвата и на насилникот. Затоа што ако не му помогнете на тој што врши насилство, тој ќе мисли дека тоа е оправдано и ќе продолжи да врши насилство – смета проф. д-р Софија Георгиевска, психолог од Филозофскиот факултет.
Според неа, насилството меѓу младите во Македонија станува сѐ поприсутно и побрутално.
– Во многу училишта речиси секојдневно може да се најдат ножеви, па дури и огнено оружје. И додека едни тврдат дека насилството меѓу младите е во пораст, други се посклони да кажат дека насилството е речиси исто како порано, но како што медиумите посветуваат поголемо внимание на тоа, тоа е повидливо. Сепак, статистиката ги поддржува оние што велат дека насилството е во пораст.
Има сѐ повеќе насилство, сѐ повеќе конфликти и зголемен број рецидиви. Злосторствата стануваат сѐ потешки – тешки кражби, разбојништва, со тешки физички повреди, па дури и убиства. Од друга страна, пак, со години се боревме младите да бидат препознаени како посебна целна група, на која посветуваме посебно внимание, па така, денес за нив се зборува многу повеќе и генерално се поприсутни во медиумите. Затоа, младите сега се повидливи и затоа се повидливи оние незгодни ситуации во кои младите се или сторители или жртви.
Една од причините е тоа што во минатото во општеството имаше преголема толеранција кон насилството. Но денес се работи на тоа младите да имаат понуда, а не принуда, за нова културна содржина, тие мора да имаат системска грижа во форма на локални канцеларии за млади што би се грижеле за нивното вработување, нивното информирање, следење на кариерата и здрав начин на живот. Едноставно, мора да се покаже институционална поддршка за младите. Има многу простор каде што општеството не само што може туку мора да интервенира и да им помогне на младите – потенцира таа.
Георгиевска вели дека, за жал, младите растат во социјална средина што има многу елементи на конфликт и насилство. Ова, се разбира, не е секогаш отворен или физички конфликт, но непридржувањето кон вообичаените, нецивилизирани норми за тоа како да се постигне успех во општеството, што е дозволено, што не е дозволено и слично, тоа е поврзано со прашањето за ефикасноста на системот да се брани, односно да прати порака – ова нема да помине, нема да толерираме вакво насилно однесување.
– Децата што малтретираат, мачат, тепаат или понижуваат други деца, секако, се деца што биле малтретирани на еден или друг начин и образовно запоставени во нивните семејства и во нивните домови – смета психологот.

[email protected]