Фото: Игор Бансколиев

Пренесените пораки кон јавноста од страна на учесниците на евроамбасадорската конференција во Скопје се чини дека повеќе имаат тон на убедување Македонија побрзо да пристапи кон уставните измени за додавање на Бугарите во преамбулата. Некои од дипломатите како да не ја зедоа предвид целата асиметричност на писмените документи, а и вербални ставови на уцена на бугарските барања, сместени во низата документи, вклучувајќи го и францускиот предлог. Некои од амбасадорите повеќе како да се обидуваа да препорачаат „мудроштини за Македонија“, како да ги зачува својот национален идентитет и историја низ двојните пречки (претставени како критериуми – Копенхашки и бугарски), кои тие ги смислиле „ексклузивно“ само за македонските евроинтеграции

На евроамбасадорската конференција во Скопје, дипломатски ставови дека идентитетските прашањата полесно се решаваат однатре во ЕУ

Во амбиент на речиси секојдневни политички провокации и навреди од бугарските политичари за Македонија, за нејзиното минато и национален идентитет, кои вообичаено кулминираат со закани за европската иднина на земјава, европските амбасадори во Скопје се собираат на конференција со добра намера и волја да придонесат за подобрување на добрососедските односи и дијалогот меѓу Скопје и Софија. Конференцијата беше дел од серијата настани што ги организираат амбасадите на Чешка во Скопје и во Софија, со желба како претседавач со Советот на ЕУ да даде придонес во надминување на билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија, затоа што, според условите наметнати за Македонија, содржани во т.н. француски предлог, очигледен е предизвикот сето тоа да се претвори во долгорочен спор меѓу Македонија и ЕУ.

Применливи искуства од нордиските земји, а и меѓу Чешка и Словачка…

Најголемата загриженост во македонската јавност од условите на Бугарија (што ги прифати и ЕУ) дека барањето за внесување на бугарско малцинство во македонскиот устав е всушност со воопшто нескриена намера од Софија за наметнување на бугарскиот идентитет и историја на Македонците во Македонија. Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, одамна е претворен во инструмент на бугарската политика за остварување на таа цел.
Сепак, евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, и понатаму упорно истакнува дека „добрососедските односи се суштински дел на евроинтегративниот процес, а унапредувањето на односите не мора да значи откажување од историјата и идентитетот“. Според Гир, процесот на пристапување во ЕУ може да помогне за поголема промоцијата и унапредување на односите, не мора да значи откажување од историјата и идентитетот, туку напротив. Членството носи предности како поголема стабилност, просперитет и демократска одговорност…
За Шведска како иден претседавач со ЕУ од јануари 2023 година, соработката од сите видови е единствениот пат напред.
– Кога станува збор за соседи во ЕУ, гледано од перспектива на Шведска, нордиските земји имаат минато во кое доминираат војни и конфликти. Но денес ги користиме нашите сличности за да бидеме најдобри сојузници во ЕУ, а се надеваме и во НАТО кога ќе станеме полноправна членка – рече Ларсон-Јаин.
Иако не станува збор за идентична ситуација, амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш, раздвојувањето од Чешка го спореди со случувањата помеѓу Македонија и Бугарија.
– Словачка и Чешка станаа вистински партнери благодарение на членството во ЕУ, кое отвори многу можности за коегзистенција, а вклучувањето во единствениот пазар и особено во еврозоната значајно влијаеше на развојот како мала земја.
Иако зеде учество во дебатата, бугарскиот амбасадор во Македонија одлучи да не одговара на новинарските прашања, па без ниту еден политички осврт на интеграциите порача дека размената меѓу двете земји ја зголемува економската соработка.
Пренесените пораки кон јавноста од страна на учесниците во евроамбасадорската конференција во Скопје се чини дека повеќе имаат тон на убедување Македонија побрзо да пристапи кон уставните измени за додавање на Бугарите во преамбулата. Некои од дипломатите како да не ја зедоа предвид целата асиметричност на писмените документи, а и вербални ставови на уцена на бугарските барања, сместени во низата документи, вклучувајќи го и францускиот предлог. Некои од амбасадорите повеќе како да се обидуваа да препорачаат „мудроштини за Македонија“, како да ги зачува својот национален идентитет и историја низ двојните пречки (претставени како критериуми – Копенхашки и бугарски), кои тие ги смислиле „ексклузивно“ само за македонските евроинтеграции. Притоа, во сите „охрабрувачки примери на амбасадорите“, како да е забележливо отсуството на гаранции дека ЕУ ќе ги почитува своите декларирани принципи и вредности, применувани во пристапните процеси на сите земји-членки, наместо да ја притиска Македонија на нови отстапки што го дерогираат националниот идентитет, па сѐ повеќе и државниот суверенитет со претензии и за територијалниот интегритет на земјата.

Отсуство на самодоверба за внатрешна консолидација и сопствени сили
и капацитети да си го организираме животот во Македонија

– Не е првпат ЕУ и нејзините претставници да ги премолчуваат и превидуваат сопствените декларирани принципи кога станува збор за Македонија и македонските евроинтеграции. Позагрижувачки е што официјалната македонска политика се однесува како да го има прифатено за нормално таквиот игнорантски став на ЕУ спрема сопствените вредности, како и наметнатата состојба дека ние секогаш мора да исполнуваме дополнителни услови и уцени, произлезени од каприците и амбициите на соседните ЕУ-земји. И понатаму, безалтернативно се насочуваме исклучиво на евроинтеграциите, без никаква намера за внатрешна консолидација и со сопствени сили и капацитети да си го организираме животот во Македонија. Сѐ поизвесно е дека земјите-членки на ЕУ во економско-енергетскиот хаос со кој се соочени ќе станат посебични (што претходно го покажа и пандемијата), ќе се свртат исклучиво кон сопствените предизвици и уште помалку ќе им бидат важни принципите на заедништво и почитување на еднаквоста и правата на другите членки, а најмалку на земјите-кандидати. Во мигов, ЕУ веројатно ја има најслабата лидерска постава, со недокажан капацитет за справување со кризите, па дури дозволуваат фашистички бугарски изживувања врз Македонија. Веројатно ќе ни смислуваат нови трикови за да ја проголтаме нивната непринципиелност, без да ни кажат отворено дека сега не нѐ сакаат во Унијата. Нам ни е потребно да се соочиме со таквата реалност и да не трчаме безглаво и без почитување на сопствените вредности, по секоја цена во ЕУ. Поголеми се шансите да станеме дел од ЕУ, кога ќе се смени оваа лидерска постава на Унијата и ќе дојдат такви сили што реално ќе го гледаат регионот, а и Македонија како Европа – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.