Повторно се појавија манипулатори и измамници, кои земајќи им ги парите авансно на граѓаните, никогаш не им го испорачале платеното огревно дрво / Фото: Игор Бансколиев

До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа голем број поплаки од оштетени семејства, кои ги дале и последните пари за да се снабдат со дрва за огрев за претстојната зима. Со оглед на тоа што оваа сезона драстично скокна цената на огревните дрва, граѓаните што се обратија до нашата редакција се пожалија дека имаат сериозен проблем, бидејќи останале и без дрва и без пари

ПРЕДУПРЕДУВАЊА, АПЕЛИ И СОВЕТИ ОД ОЧАЈНИ ГРАЃАНИ НА ПОЧЕТОКОТ НА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА

Најавите дека пред нас е една од најдолгите и најтешки зими ги натераа граѓаните да се ориентираат кон затоплување на домовите со дрва и многу порано, односно уште од пролетните и летните месеци, да почнат со набавка на огревни дрва. Оние што можеа да го набават порано, го направија тоа и платија пониска цена. Оние граѓани кои што не можеа да набават порано, калкулираа со домашниот буџет, надевајќи се дека огревното дрво ќе остане со иста цена, дека ќе го има во резерва и дека ќе можат подоцна и постепено да се снабдуваат, како да го плаќаат на рати. Но, како и во старата поговорка, „домашниот есап не се совпаѓа со есапот на пазар“, ниедно од предвидувањата на голем дел од граѓаните не се оствари. И огревното дрво енормно поскапе, и резервите драстично се намалени, а и некои претприемачки ориентирани граѓани направија домашни резерви и сега истото тоа го препродаваат по многу високи цени и со висока заработувачка. Но во целата „мешаница“ со огревното дрво се појавија и манипулатори и измамници, кои земајќи им ги парите авансно на граѓаните, никогаш не им го испорачале платеното огревно дрво.

Низа слични случаи на измама

Сѐ поголем е бројот на измамени граѓани од наводни продавачи на огревни дрва во земјава. До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа голем број поплаки од оштетени семејства, кои ги дале и последните пари за да се снабдат со дрва за огрев за претстојната зима. Со оглед на тоа што оваа сезона драстично скокна цената на огревните дрва, граѓаните што се обратија до нашата редакција останале и без дрва и без пари.
– Нарачавме дрва за греење од склад од Сарај. Тој склад работи со години и речиси секоја година се снабдуваме со дрва од таму. Меѓутоа, годинава, останавме извисени и измамени. Побаравме осум кубика уште во јуни, ја уплативме сумата на уплатница, а човекот ни донесе само четири кубика. Кубик го наплаќа 4.800 денари, па, сега, вие пресметајте колку пари сме му дале ние. Повеќе од петстотини евра. Добивме дрва само за половина од износот, односно само за 19.200 денари. Дрва нема да ни даде, ниту пари да ни врати. Останавме извисени за една цела плата – револтирано вели скопјанка, која сакаше да остане анонимна.
Таа вели дека четири месеци чекаат да добијат дрва или пари, но од човекот нема ниту трага ниту глас.
Иако тој не се крие од нив, се јавува на нивните телефонски повици, но им вели дека не може да работи, бидејќи некој го пријавил. Тој им рекол дека немал како да ги врати парите, па им понудил да им ги даде на рати, и тоа по некое време, да присоберел.
За жал, ова не е единствен случај на измамени граѓани со набавка на огревни дрва.
– Не знам што се случи, ние со години набавуваме дрва од еден склад. Дали проблемот е во тоа што се смени сопственикот, не знам, меѓутоа вакво искуство сме немале досега. Уште во јуни, човекот ни понуди дрва по поевтина цена, со рок на испорака 15 дена. Едвај ги добивме дрвата. Секојдневно одевме кај неговиот склад, каде што си ги баравме дрвата за кои му плативме. Изгледа му бевме здодевни, па ни ги даде дрвата за кои уредно си имавме платено – вели друга жена со лошо искуство.

Не плаќајте однапред

Од Министерството за внатрешни работи речиси секојдневно се соочуваат со разни криминали поврзани со дрвата за огрев.
Билтенот е преполн со фатени дрвокрадци, од кои и најмногу се поттикнуваат ваквите измами.
За конкретниот случај, од МВР велат дека преземаат мерки и активности во координација и по насоки на Основното јавно обвинителство – Скопје. Како што велат оттаму, по завршувањето на активностите и комплетирањето на документацијата, Секторот за внатрешни работи – Скопје ќе достави соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство во Скопје.
– Секторот за внатрешни работи – Скопје активно работи на расчистување на таквите појави, за да се заштитат граѓаните. Наедно апелираме дрва за огрев да се купуваат од лиценцирани складови, како и да не се врши предвремена уплата за да не се доведат купувачите во ситуација да бидат жртви на измами – апелираат од МВР.