Фото: ОМО Илинден-Пирин

Институционалната реакција во конкретната членка на ЕУ оди многу побрзо отколку во нечленките на ЕУ. Овој пат тоа се виде на примерот со забраната на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија. Формата на реакцијата (не содржината или битието на забраната) беше промптна со таква динамика како што налагаат законите и прописите во Бугарија, се разбира усогласени со оние од ЕУ. Што се однесува до содржината (образложението), не треба да се дискутира воопшто! Тоа е спорно, недемократско, понижува и денационализира… Тргнувајќи од таквиот ноторен факт за содржината на бугарската забрана на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, овој пат повеќе ќе се осврнеме и ќе ги анализираме формата и процедурата. Таа, всушност, заврши со извонредно кратка постапка, ним добро позната, која во фашизмот и болшевизмот беше позната под називот „преки суд“

Како властите во Бугарија ја решија „заканата“ од македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“

Забраната на Советот на Општина Благоевград за отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, именуван по славниот македонски поет, го потврдува стравот на официјална Софија дека во овој дел на Бугарија постои сериозна бројка на македонско малцинство, кое има потреба од негување на сопствената традиција и култура, нешто на што сите бугарски власти последните седумдесетина години жестоко се противат.
И додека Бугарија во забраната на македонскиот културен клуб се затскри зад формата, зад процедурата, односно ги употреби процедуралните лостови на институциите за да спречи секаква можност Македонците да добијат можност културно да се организираат, фашизоидната содржина на забраната не можеше да ја скријат. Имено, ако овој пат забраната им помина по основа на процедура, тогаш содржината (супстанцијата) на фашистичките побуди да не му се дозволи на едно малцинство да ги остварува основните малцински права, никогаш нема да им помине.

Софија научила што е институционално-процедурална ефикасност од Европа, но ја заборавила смислата на правдината и битието на правото

Истата таа Бугарија ја користи институционалната нефункционалност во Македонија и продолжува да инсталира културни клубови и здруженија на територијата на целата земја, именувајќи ги со имиња на озлогласени нацифашистички соработници.
Тоа само говори дека од членството во Европската Унија, Софија научила само една работа, како ефикасно да ги употреби институциите секогаш кога ќе почувствува дека е загрозен некој нивни интерес (во случајов интерес еднаков на фашистички хегемонизам), интерес за негирање цел еден народ, неговиот идентитет, јазик и култура.
Повеќе од јасно е дека Бугарија не е земја од која треба да се учат некакви примери за демократско однесување, но затоа институционалната функционалност треба да се учи од Европа и од пораките што секоја година ни ги праќа Европската комисија преку извештаите за напредокот на земјата. Бугарија изгледа одамна ја научи таа лекција, па дури научи да ја злоупотребува. Токму во однос на Македонија, Софија дебело ја (зло)употребува. Спротивно од ваквиот ракурс, конечно е ред и Македонија да научи дека ако сака да биде функционална држава што ќе биде дел од Европската Унија ќе мора да ги стави во функција институциите ако сака да оди напред и да не дозволува да бидат загрозувани нејзините интереси, а уште помалку нејзиниот суверенитет.

Адекватен институционален одговор на Софија – според нивните фашизоидни политики

И додека во Македонија веќе никнаа два бугарски клуба, а трет чека дозвола за функционирање, сите именувани според докажани фашистички соработници и најголеми крвници на македонскиот народ, Советот на бугарската општина Благоевград го забрани отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, именуван по славниот македонски поет.
– Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации – се вели во образложението на декларацијата изгласан од Советот на овој бугарски град.
Истото го потврди советникот Кирил Илиев од ГЕРБ, кој изјави дека со оваа декларација им порачуваат на „македонистите“ дека не се добредојдени во градот.
Сето ова говори дека бугарските институции се мобилизирани од најниско можно ниво, поточно од локална самоуправа, да не дозволат да помине никаква иницијатива македонските граѓани што живеат во Бугарија да добијат свој културен клуб. Чинот е антицивилизациски и геноциден, во 21 век да се забранува културно битисување на едно малцинство, згора на тоа и во држава членка на ЕУ.
Таа институционална хиерархија, кога станува збор за правата на Македонците во Бугарија, очигледно функционира како швајцарски часовник, така што апсурдно е да се очекува од бугарската држава да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, бидејќи сите тие институционално ќе бидат опструирани во недоглед, со амин на ЕУ.
И додека во Македонија проблемот со бугарските културни клубови стана проблем на централната власт, во Бугарија постапката запре уште на локално ниво, без тамошните централни власти воопшто да се доведуваат во ситуација да се изјаснуваат за културните клубови на Македонците.
Ако на ова се придодадат и бугарските судови, кои секогаш пресудуваат контра македонското малцинство, тогаш повеќе од јасно е дека Бугарија има изградено силен институционален одбранбен систем преку кој лесно се справува со секоја иницијатива што не е на линија на нивните хегемонистички политики кон Македонија.
Затоа со години не можат да се регистрираат македонски здруженија, нема спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, а за политичко организирање на Македонците воопшто и не станува збор.

Како кај нас се штити уставниот поредок и загрозувањето на демократијата

Од друга страна, користејќи ја институционалната нефункционалност во Македонија, Софија инсталира буквално сè што ќе ѝ падне на памет. Најпрво почна со емитување бугарска телевизија што отворено шири пропаганда и во чии емисии се негира македонскиот народ, а овдешните институции се прогласуваат за ненадлежни за да постапат и да ја укинат таа телевизија. Истовремено, бугарските институции не дозволуваат во Бугарија да зрачи македонска телевизија.
Телевизиите беа првиот чекор за бугарска индоктринација тука, по што следуваше масовното отворање бугарски културни клубови и здруженија, сите именувани со мрачни личности од бугарското фашистичко минато. И повторно македонските институции затаија, буквално ги немаше никаде. А токму оној прв институционален ешалон, слично на она што го направија локалните власти во Благоевград, можеше да ја затвори темата со бугарските здруженија уште многу одамна.
– Уште тие на шалтерот на Централниот регистар во Охрид, поточно референтот, требало да ги пролиста програмата, статутот и името и да не изврши упис – вели професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски.
Според него, ако државата сега не го спречи овој тренд на регистрирање клубови со контроверзни историски имиња, тоа ќе се смета за преседан и таквите регистрации ќе продолжат до недоглед.
Професорот Давитковски ја нагласува потребата од институционален одговор од најниското до највисокото ниво, за да не ни се случува ова што сега се случува, да гаснеме пожар откако тој се разгорел.
Несомнено првиот институционален филтер при регистрацијата на тие здруженија требало да биде службеникот што треба да процени дали со некоја иницијатива се загрозува државниот поредок, па дури и да не е сигурен во процената, тоа мора да го проследи до другите институции, како Јавното обвинителство. Шалтерскиот работник е првиот на браникот во сите три власти, и во судската, и во извршната, и во законодавната. Кога ќе се сигнализира, ЈО може да постапи по допрен глас и да реагира на секоја противречност на законот, без оглед дали тоа ќе биде оквалификувано како помал прекршок или кривично дело. Тоа им дава одврзани раце за инстант реакција и кревање прв степен на тревога, по што следува и поширок институционален одговор, со единствена цел, таа работа да се запре бидејќи е закана за државата.
Ингеренции има и Уставниот суд ако до него биде поднесена иницијатива за оцена на уставноста на статутот или програмата на одредено здружение, како што тоа неодамна го направи адвокатот Тони Менкиноски, поднесувајќи предлог-иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на статутот и програмата на здружението „Цар Борис Трети“.
Ако судот процени дека ова здружение со својата програма и статут се закана за уставниот поредок, може да препорача тоа да ги промени програмата и статутот или, пак да биде забрането ако одбие да го стори тоа.
И додека домашните институции си ја префрлаа одговорноста околу надлежностите за регистрацијата на бугарските здруженија во земјава, расправата стигна и до Собранието, кое сега ќе носи измени на Законот за здруженија и фондации за да спречи инсталирање клубови со имиња на соработници на фашистите на македонска територија.

Измените на законот ќе почекаат уште извесно време за да поминат сите процедури, но во меѓувреме секојдневно продолжуваат да пристигнуваат нови иницијативи за регистрирање бугарски здруженија и клубови.
Се разбира, сите институции, од понизок до повисок ранг имаат извесни ингеренции да постапуваат и да ја спречат регистрацијата на ваквите клубови, но потребно е конечно и во оваа земја да профункционира таа институционална алка преку која ќе се спречува заживување на секаква иницијатива спротивна на македонските национални интереси.
Тоа во никој случај не значи дека Македонија ќе забранува регистрирање бугарски културни клубови, но ќе значи воведување институционален ред, што ќе значи регистрирање на овие здруженија чии програми и статути, како и имиња, се во согласност со македонските закони и со македонските интереси. Сето она што ќе претставува закана по уставниот поредок и интегритетот на земјата треба да биде спречено уште од шалтерскиот работник. Ако оваа земја е постојано под критика дека има тромава администрација, тогаш истата таа администрација треба да почне вистински да си ја врши работата и да ги штити интересите на својата земја.

Без брз, педантен, точен и ефикасен институционален одговор, Македонија ќе биде постојано омаловажувана

Она што Македонија треба да го научи од целата оваа лоша епизода што ѝ ја приредува Бугарија со години е дека без брз, педантен, точен и ефикасен институционален одговор, земјата ќе биде постојано потценувана и омаловажувана. Државата преку институциите е таа што ја има силата да го диктира однесувањето и на поединецот, но и на колективот, се разбира во согласност со демократските начела и законите. Тоа е само доколку функционира целиот институционален систем.
Проблем е што институциите кај нас не функционираат и тоа го потврди и ЕУ. Затоа, ако оваа држава сака да седне како рамноправен партнер на масата и да тропне секогаш кога се загрозени нејзините интереси, прво нешто што треба да направи е да ги стави институциите во функција. Тоа ќе го направи така што ќе ги департизира, ќе ги пополни со луѓе што се стручни и што знаат да работат и ќе изгради систем на институционална поврзаност и надлежности, но и одговорности, да се знае кој и што работи, за да не може секој да му ја префрла одговорноста на друг кога некаде ќе затаи.
Тогаш и на службеникот на првиот шалтер во локална самоуправа или во Централниот регистар ќе му биде јасно кој е Иван Михајлов, кој е цар Борис Трети, а кој цар Фердинанд. Првото шалтерско „стоп“ ќе значи и институционално запирање на тивката бугарска „културна“ окупација, исто онака како што постапува „европска“ Бугарија со македонските иницијативи. Ништо повеќе, ништо помалку