Според ликовниот уметник Владимир Темков, еден од организаторите и идеен творец на ликовната колонија „Михајлово – Кавадарци“, која успешно се реализира цели 26 години, идејата за една ваква колонија тлеела веќе неколку години и годинава конечно, по завршувањето на пандемијата, се реализира
Вкупно 23 ликовни уметници од повеќе држави од Европа во втората половина на септември беа дел од првата македонска ликовна колонија, која се одржа надвор од државата, и тоа во Неа Скиони на Халкидики, во соседна Грција. Според ликовниот уметник Владимир Темков, еден од организаторите и идеен творец на ликовната колонија „Михајлово – Кавадарци“, која успешно се реализира цели 26 години, идејата за една ваква колонија тлеела веќе неколку години и годинава конечно, по завршувањето на пандемијата, се реализира.
– Иницијативата за оваа колонија е моја и на мојот добар пријател Бубо Каров и, на мое огромно задоволство, годинава успеавме да ја реализираме во соработка со семејството Илиоски, односно брачната двојка Татјана и Тони од Прилеп, кои со воодушевување ја прифатија и ги отворија вратите на нивниот хотел „Круна“ во Неа Скиони и со своето големо гостопримство една недела ги угостија учесниците на првата македонска ликовна колонија од интернационален карактер што се одржала надвор од територијата на Македонија. Оваа колонија уште повеќе добива на значење што Грција, како наша соседна земја, е единствена од балканските земји каде што не се организираат ликовни колонии и нема традиција на негување ваков облик на здружување на ликовни уметници од повеќе држави. Ние успеавме да ја реализираме првата ликовна колонија во прекрасен амбиент, покрај море и природа, и со задоволство можам да кажам дека имаме одличен резултат – вели Темков.
Само за една недела учесниците на ликовната колонија успеале да создадат 60 уметнички дела, според оцената на Темков, со врвен квалитет, затоа што имало уметници од различни генерации што преферираат различни стилови, но кои зад себе имаат постигнато успеси на ликовен план во сопствените држави или се професори, продекани на универзитети или докажани индивидуални уметници.
Личните контакти што се создаваат на ликовните колонии и можноста создадените дела да се презентираат пред поширока публика, за Владимир Темков се од пресудно значење за зближување на народите со различни култури и обичаи.
– Можноста на вонинституционално дејствување, сликање во друга средина на отворено, размена на искуства со други уметности и несвесно заемно дејствување е многу значајна во зближувањето на народите, но и лично унапредување и изградување на самите уметници – вели организаторот на колонијата.
Тој го потенцира своето позитивно искуство од неговата четврта по ред самостојна изложба во Турција, поточно во градската галерија на градот Бодрум и од 10 до 16 септември и учеството на ликовната колонија и симпозиум во градот Ескишекир, исто така во Турција, каде што учествуваат уметници од 45 земји од целиот свет.
– Сите овие контакти со уметници од Америка, Индија, Шпанија, Франција, Финска, Израел, Пакистан, Русија и многу други земји создаваат услови за соработка, учество на ликовни колонии и гостувања со презентирање на сопствената уметност, но и добивање сознанија за современото сликарство во светот. Сега, кога можеме со задоволство да кажеме дека имаме една успешна ликовна колонија, изразувам огромна благодарност до семејството Илиоски, кои се мои семејни пријатели и кои веднаш ја прифатија идејата да реализираме ваков тип ликовна колонија. Се разбира, моето пријателство со Владимир Темков, кој има огромно искуство во организирање ликовни колонии и бил нивен учесник речиси во сите балкански земји, како Турција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Албанија и Косово, беше пресудно да имаме добар избор на ликовни уметници што негуваат разновидна уметност. Уметниците во овој преубав амбиент на хотелот „Круна“ функционираа како едно семејство и резултатот е извонреден. Сето ова ни дава за право да ја обелодениме идејата ликовната колонија да се одржува секоја година, и тоа по двапати, на почетокот на летната сезона и на крајот на септември. Првичната замисла е да имаме одреден број уметници што ќе учествуваат секоја година, но да бидеме отворени и за нови уметници од други држави – вели Бубо Каров.
Ликовните уметници Драги Хаџи-Николов, Катерина Ѓорѓевиќ, Милош Милосавлевиќ и Александра Димитрова не го кријат задоволството што беа дел од оваа прва ликовна колонија во Грција и од гостопримството на семејството Илиоски, кое овозможило прекрасниот амбиент да биде уште поубав за творење и дружба меѓу сите уметници. Делата што беа создадени на првата македонска интернационална колонија во Грција ќе бидат изложени во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, на 4 ноември, а потоа ќе следуваат изложби и во други градови во Македонија.