Има нешто магично привлечно во обидите за фотосесиите што ги правиме на патувањата, летувања, средби, собитија. Оној благороден напор што го вложуваме при одбирот на ракурсите и визурите, најчесто го забележуваме и чувствуваме во домашните видео и слајд-проекции, кога всушност сме повторно на пат, летување, средба, која на моменти се претвора во динамичен вител од асоцијации и симболи на одживеаната стварност. Септември. Сезона на бури и урагани на Флорида и на Карибите. Така беше и оваа есен. Се случи ураганот наречен Јан и помина.
Октмври, есен. Вистинско време да се вратиме и да пробуричкаме по фотопризорите и спомените складирани во фајл-мемориите.
Изгрејсонце во Хилсборо, незаборавен призор што во мене, задоцнет сајбер-романтичар, поттикнува естетски возбуди и обврски, и како диктат на чист психолошки автоматизам ме доведува во состојба на утрински благ транс. Во неколку рани утрини со фотокамера се обидувам да дофатам дел од убавината, да ја дигатализирам и онака претворена во бројки и пиксели да ја заштитам од минливоста и заборавот и да ја доближам до идеалот за ничеанското вечно враќање. Убавата глетка многу често знае да се доживее и како супериорна форма на сеќавање што тежнее да ги обедини сонот и јавето, иднината и минатото, доживеаното и виртуелното во еден вид апсолутна реалност. Хилсборо Бич е гратче во Југоисточна Флорида, а Хилсборо мајл е единствениот пат долг 3,2 км, т.н. А1А – УС Хајвеј, кој започнува од истоимениот залив на југ, а завршува во Дирфилд Бич на север. Оваа маршрута ја нарекуваат и милионерска милја, со оглед на фактот што тука имаат имоти звучни имиња од американскиот бизнис и џетсет, но не е мал бројот и на новодојдени транзициски богаташи, а меѓу нив има имиња и на некои наши сограѓани што успеале да зберат душа и некоја пара и да купат некое станче, апартман, куќа со поглед на океанот.
Темпото и динамиката на настаните и содржините од нашите патешествија секогаш исполнети со шокантна непредвидливост и возбуда, од нас бараат да се сообразиме со ритамот на патувањето. Во Хилсборо сонцето изгрева од длабочината на океанот. Интензивниот колор-хепенинг е вистински предизвик и празник за сетилата. Фотоперцепцијата нараснува до степен на возбуда. Концентрацијата спонтано се насочува кон величествениот призор – раѓањето на сонцето – и неограничените можности што ни ги овозможуваат современите технолошки орудија во напорите за виртуелните меморирања и сеанси. Во таа „спонтана“ оркестрација на тактилно-визуелна наслада што нè обзема, доброволно се претвораме во ментален фрактал – случаен придонес во „културата на бројки и мегапиксели“, интензивен сегмент од апстрактна екстериторијална преобразба во кој наместо епистемолошкото прашање „што можам да знам и како да го осознаам светот“, примарна и видлива станува онтолошката дилема „кој е овој од световите“… И нели нема ништо, освен океани, реки и луѓе, па мора ли сѐ да се разложи на атоми, пиксели, за да го разбереш и сакаш. Со што да ги споредам овој благ карипски ветер што го благослови раѓањето на денот и благородната грижа за желките што положуваат јајца на овие плажи милиони години пред да дојдеме овде.
На булеварот А1 има група амбициозни велосипедисти, а во интеркостал-каналот испловува „Галант лејди“, прекрасната јахта, гордоста на Хилсборо, која лесно ќе ја видите и од Гугл арт-визурата врз Флорида. Вознесен од силата на естетската експресија се насладувам на неповторливото црвено изгрејсонце и по малку им завидувам на мештаните во Хилсборо за кои оваа глетка е секојдневие. Низ каналите како бели лебеди испловуваат јахти и се упатуваат кон океанот. На Флорида тие се повеќе од луксуз. Тие се поривот, суштината, стожерот на социјалното битисување. Забележувајќи ги овие призори, чувствувам како расте желбата нив да го споделам, предадам – но и да го искоментирам моментот, овој краток, но бележит исечок на вечноста, не само со своите блиски, не само со истомислениците, туку со сите. Бидејќи секое животно и тактилно искуство, низ лавиринтите на ретроспекција, бара споредба, идентификација низ споредбата со веќе виденото, доживеаното, во песна опеаното… А со што да се спореди, да се идентификува оваа вонвременска визија. Па ова сонцево што ги грее – што убаво го имам положено, заробено во фотоапаратот – е налик на она нашето „што ја греит душата“. Во складот и различноста на истите поими – будење, прошетка, ручек, рибарење, простор, грижа, носталгија – во ова неповторливо утро на Хилсборо на Флорида, го чувствувам колку е точно и мое изреченото од Бергсон – дека на едноличноста на времето и просторот единствено можеме да му го спротивставиме интензитетот на доживувањето и онака претворен во видео и слајд-шоу го оставаме за сите идни времиња и поколенија. Времето секако не е без квалитет, како ни вечниот стремеж да си го објасниме, есенцијално да му се доближиме на поривот, да осознаеме зошто оваа убавина толку не трогнува. Колку е оваа „божја убавина“ претворена во бројки, пиксели, вистинска, на ѕведената порта со адреса – http://youtu.be/s7aL0pXCswY.
Автор: Аљоша Симјановски