Бугарско сведоштво за настаните во Прилеп

Познато е дека во 1941 година, Хитлер им го доделил Вардарскиот дел од Македонија на своите фашистички сојузници: Бугарија и Италија. Поголем дел од овој дел на Македонија го окупирала бугарската војска, која набргу почнала со обиди за присилна денационализација и терор врз Македонците. Поради тоа, Македонците кренале масовно востание против бугарската окупаторска власт. На 11 октомври 1941 година, македонските востаници во Прилеп ја нападнале бугарската полициска станица. Истиот ден бугарската полиција и војска жестоко се нафрлиле врз мирното население. Граѓаните на Прилеп масовно биле претепувани и затворани, а бугарските полицајци и војници им ги краделе вредните предмети што ги наоѓале кај нив. Од ваквата постапка на полицијата и војската биле огорчени дури и некои службеници на бугарскиот фашистички режим.
Еден од нив бил Коста Црнушанов, прилепчанец, кој во тоа време работел како службеник во просветата во Прилеп. Практично, Црнушанов бил жив сведок на она што се одиграло во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Иако бил во служба на бугарската власт, тој не останал рамнодушен на она што го видел и слушнал од очевидците, па не долго потоа испратил протестно писмо до бугарскиот министер за просвета во врска со овие настани. Во писмото јасно се гледа неговата огорченост од постапките на бугарските окупатори. Меѓу другото, бугарскиот службеник Црнушанов до својот министер напишал:
,,Очевидците и настраданите ми раскажуваа низ плач: Ако некој има видено глутница од волци како напаѓа стадо, тогаш може да си претстави како изгледаше апсењето и претепувањето на прилепските граѓани. Луѓето беа апсени каде и да се наоѓаа: дома, на кино, во кафеана и на други места. Беа водени во участокот, а оттаму во затвор. По патот кон участокот тие беа тепани до бесвест и им беше пцуена ’мајката македонска‘! Кои беа тепачите? Тоа беа полицајците, војниците и некои од началството, вклучувајќи го и бившиот полициски началник на областа. Тепаа со стапови, маваа со цевките од пушките, удираа со греди и клоцаа со нозете. Удираа каде што ќе стигнат: по главата, по грбот, насекаде… Од околу 300 претепани граѓани, во затворот беа задржани 70… Претепаните се од најразлична возраст: од млади, па сѐ до 70-годишни старци, каков што е случајот со Митре Мазарот… Притоа не било вршено само малтретирање и тепање на лицата, туку истите биле и ограбувани. Им биле крадени парите и другите вредности, пенкала, часовници и друго. Ограбувањето го вршеле полицајците и војниците.“ (Извор: Коста Црнушанов: „Принос к’м историјата на ММТРО“, Софија, 1996 год.).

Ова сведоштво е од исклучителна важност затоа што претставува автентичен бугарски документ (официјално писмо од официјален бугарски службеник) за теророт на бугарската окупаторска власт против македонското население во Прилеп.
Што треба да се знае за Коста Црнушанов?
Црнушанов е роден на 24 јануари 1903 година во Прилеп.
Дипломирал философија и историја во Белград. Тој е еден од основачите на ММТРО (Македонската младинска тајна револуционерна организација), основана во 1923 година во Виена. На 5 декември 1927 година бил поведен Скопскиот студентски процес против дејците на ММТРО. По судскиот процес преку Унгарија пребегнал во Софија и целосно се ставил во функција на пропагандната машинерија на Ванчо Михајлов. Во 1928 година заминал во Виена, каде што го издавал весникот „Ослободување“. Во 1930-тите години се преселил во Софија. Се вратил во Македонија за време на окупацијата во периодот 1941-1944, како училиштен инспектор во Битола, потоа заминал во Бугарија. Умрел во Софија на 10 октомври 1996 година.
Во 1990 година, тој е еден од обновувачите на Македонскиот научен институт во Софија, кој целосно е посветен на македонското минато и сите свои сили ги користи да докаже дека тоа било бугарско. Со својот негаторски став кон сѐ што е македонско во текот на својот живот останал доследен на бугарските позиции за македонското прашање.
Автор е на повеќе историски романи, мемоари и книги, повеќето со антимакедонска и антисрпска содржина. Во 1998 година, Црнушанов посмртно е награден со наградата на Република Хрватска – „Орден на Даница Хрватска со ликот на Марко Марулиќ“.
Бугарскиот терор против Македонците, но и против припадниците на сите други народи во Македонија, продолжил така како што се засилувала оружената борба за ослободување на Македонија. По војната добар дел од бугарските воени и полициски функционери биле уапсени од новата македонска власт, по што биле судени и осудени на заслужените казни. Добар дел од нивните сведоштва се собрани во книгата „Судењата како последен пораз“ од авторот Јован Павловски (Скопје, 1984 г.), каде што се објавени повеќе десетици автентични признанија на уапсените бугарски агенти и полициски и воени функционери, кои во детали ги опишуваат убиствата, мачењата и другите тортури што ги правеле врз Македонците за време на бугарската окупација. Би било добро потресните сведоштва од оваа книга да се прочитаат јавно пред членовите на бугарската историска комисија, а наедно и да се испратат до бугарскиот политички врв.

Јован Павловски е роден во Тетово, на 10 август 1937 г. Тој е македонски поет, раскажувач, романсиер, писател за најмладите, публицист, долгогодишен уредник на повеќе рубрики во „Нова Македонија“, нејзин дописник од Париз и од Москва. Од 1980 до 1986 г. е вонреден професор по теорија и практика на новинарството на Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил сопственик и уредник на месечникот „Македонско време“ (на македонски и на англиски јазик). Делови од неговата книга „Судењата како последен пораз“ беа објавувани и на страниците на „Нова Македонија“ во седумдесеттите години од минатиот век.

Автор: Александар Донски