Антиупатства за лична употреба
– мал искуствен триптих –
1.
Застапеноста на мојот град во покусите раскази и во подолгите новели што со децении ги пишувам е евидентно. Иако некои критичари ја истакнуваат мојата номадска љубопитност во однос на други градови и предели, поголем дел на прозата од овој автор се случува во Скопје. Амбиентот на градот е присутен затоа што сакам да пишувам за човечките судбини, но не за оние што во себе носат некоја општествена истакнатост, туку за луѓето меѓу нас, т.н. обични луѓе, и во таа смисла цела галерија жители на Скопје ми поминува пред очи кога се обидувам да забележам нешто за нив.
Имено, и Скопје се менува. Она Скопје на маалските, детски игри, па постземјотресното Скопје на мојата рана младост, до ова Скопје денеска – како да станува збор за различни градови, како да се смениле три-четири града во само еден човечки живот.
Што, пак, во поглед на литературата овозможува, благодарение на некои книжевни постапки, лесно да биде играњето со времето, враќањето назад, па оттаму тука, со живите, со оние што веќе не се живи – сите тие стануваат актери што се движат низ улиците, низ куќите, кафеаните, дуќаните, парковите на овој град.
Во продлабочувањето на наративното течение на прозата, пожелно е кога епизодите од човечкиот приватен живот во себе можат да ги прифатат епизодите на општиот живот на градот. Така се вплетуваат приказните во кои човековата судбина останува примарна, но сместена во глетки и призори што се случуваат во еден одреден препознатлив простор.
2.
Затоа Скопје ми е многу важно во своите мени, во своите епизоди. На пример, скорешната, времето на коронавирусот, кога Скопје сосема се смени – не само што опустеа улиците, не само што целата атмосфера просто натискаше со тегобност туку и луѓето како да ги изменија своите лица, начинот на кој чекорат, начинот на кој се поздравуваат и разговараат…
А по коронавирусот настана експлозија во сите тие сегменти, но исто така експлозија во градежништвото. По двете години пауза, одеднаш низ цело Скопје почнаа да се рушат стари куќи и да се градат нови згради, а во тие изникнати повеќекатници најчесто нема жители. Кога навечер одите по Партизанска или тука по моето маало, гледате само два-три осветлени прозорци во тие големи нови седум-осумкатници. А долу, преполни кафулиња! Брзо се менува имиџот на овој град.
Ако писателот е доволно љубопитен и ако е предаден на својата работа, сето тоа може да му даде многу добар материјал. Затоа што литературата сама по себе не е статична, таа бара движење, дури и кога е највнатрешна таа кажува нешто натаму и натаму. И во таа смисла, доживувањата и промените во овој град често ми помагаат полесно да ги доловам атмосферата и реакциите во приватниот, личен живот на своите ликови, жители на Скопје.
3.
Секако дека писателот своите сижеа ги црпи од животот, од сопственото искуство и од искуството на другите луѓе, меѓутоа и за пишувањето, како впрочем за секое уметничко остварување, важен е обликот, важно е како животниот материјал ќе проструи во една книжевно привлечна форма. Во таа смисла, многу е важна лектирата, односно читањето на претходниците. Благодарение на библиотеката што е постојано до и околу мене (а тука е и мојот мачор Томче стар 18 години), учев од големите мајстори што пишуваа за градот, својот град – Џојс, Булгаков, Кортасар, Калвино… или од нашите – Солев, Јаневски, Урошевиќ, Оливера Николова… Сите тие зналци на пишаниот збор умееја да те вовлечат во нивните градови и личните светови на нивните јунаци, жители на тие градови, охрабрувајќи те и давајќи ти поттик за она што ти самиот го пишуваш. Сметам дека тогаш градот во литературата доживува своевидна преобразба, или уште поточно, тој станува еден од рамноправните ликови во таа проза. Доловувајќи ја неговата особеност, различност, менливост, го усовршуваме и својот занает. Имено, пишувањето на градот во себе бара, нормално, еден неопходен квалитет – да се набљудува за да се забележи таа негова разноликост, но уште поважно е како сето тоа да се собере, да се монтажира во 5, 10, 30 или во 100 страници (тоа е најдолгата проза што сум успеал да ја напишам).