Бен Вотсон од Велика Британија одржа поетско панк-предавање на седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на „Контрапункт“. Станува збор за неговите искуства во Лидс 1979-1993 година, кога панкот беше поврзан со „Ф Клубот“, а потоа „Рок против расизмот“, кога локалните скинхедси погрешно ги толкуваа свастиките на Вивиен Вествуд, мислејќи дека панкот е фашистички. Тој се сретнал со „Секс Пистолс“ непосредно пред да заминат од Велика Британија и да се разделат и бил импресиониран од плочите во тој период – неговата прва средба со даб-регето. Не толку фокусиран на историјата, Бен ќе се задржи на релевантната уметност на нашето време со која се занимавал во децениите кога пишувал за џезот и слободната импровизација за магазинот „Wire“. Тој ќе говори и за начинот на кој го води својот бенд (AMM All-Stars) денес – и неговите музички избори за неговите неделни радиоемитувања.
Бен Вотсон е британски писател за музика и култура со марксистички погледи, познат особено по неговите дела за Френк Запа. Тој е добро познат и како редовен соработник на списанието „Вајр“ и како автор на многубројни книги, кои честопати вклучуваат студии за популарната култура од перспектива на марксистичката естетика.
Сезгин Бојник ја претстави публикацијата „Панк супрематизам“, која го вклучува првиот англиски превод на теоретски дела за панкот, уметноста, социјализмот, бирократијата и национализмот од Славој Жижек, Растко Мочник и Зоја Скушек. Напишани во првата половина на осумдесеттите, овие текстови се единствена мешавина на панк-став со теоретски концепти позајмени од Алтусер, Лакан и авангардната уметност. Напишани во турбулентен период на југословенскиот социјализам, овие текстови се обидуваа да ја разберат политичката важност на панкот како масовно движење на осиромашената младина. „Панк супрематизам“ е првиот том од серијата истражувања на панкот иницирани од „Раб-раб прес“. Серијата тргнува од идејата дека панкот е пауза, а ќе се фокусира на панкот како нешто целосно одвоено од буржоаската култура.
Сезгин Бојник е основач на „Раб-раб прес“ во Хелсинки и основач на „Pyke-Presje“ во Призрен.
КРИК – фестивал за критичка култура, е платформа што се застапува за афирмација нa уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање општествените процеси.
Програмите на КРИК се креирани за да поттикнат во јавната сфера критичка дебата преку која би се промовирал социокултурниот капитал како јадро што е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми.