Со проекција на филмот „Враќање во тие денови“ во режија на Конрад Аксинович во Кинотеката на Македонија беше означен почетокот на програмата „Вистула“ на „Киненова“. Станува збор за соработка меѓу МФФ „Киненова“ и полскиот фестивал „Вистула“, кој носи нова свежина со избраните наслови од највредната полска продукција.
– Се надевам дека првите проекции на фестивалот „Вистула“ во Македонија ќе бидат убав почеток на една нова традиција, а насловите што ги одбравме ќе одговараат на вкусовите на вашите гледачи, бидејќи се грижиме за жанровската и тематската разновидност на репертоарот, така што убедена сум дека секој љубител на доброто кино ќе најде нешто за себе. За да ги исполниме очекувањата на македонската публика, избравме една од највредните полски продукции и вложивме максимални напори да подготвиме најразновиден репертоар – вели во својата порака директорката на „Вистула“, Малгоржата Шлаговска-Скулска.
Драмата „Враќање во тие денови“ е автобиографски филм во кој дознаваме за семејната историја на 14-годишниот Томек, чиј татко се враќа по години емиграција од САД. Режијата и сценариото се на Конрад Аксинович.
Томек живее сам со својата мајка. Сакајќи да ја подобри финансиската ситуација на семејството, неговиот татко заминува во САД. Неочекувано, тој се враќа дома со куп подароци, но не ја објаснува причината за своето враќање. На прв поглед сите изгледаат среќни, но има нешто вознемирувачко во ситуацијата…
– Пред една недела имаше проекција во Париз и една повозрасна госпоѓа ми рече дека ако во осумдесеттите години овој филм би бил прикажан на националната телевизија во ударен термин би можел да го смени светот. Како режисер секогаш сакам да правам филмови што им значат на луѓето. Ме прави среќен што во последно време во киносалите се прикажуваат терапевтски филмови. Долги години бев заклучен, но додека го правев филмот адреналинот беше поголем од емоциите, зашто кога правите филм никогаш не знаете која емоција ќе удри, исто како да сте во ринг – не знаете од каде ќе ви биде зададен удар – раскажа Аксинович.
Роден е во 1978 година во Вроцлав и на него најголемо влијание имале три феномени на осумдесеттите години: „Војна на ѕвездите“, ЛЕГО-коцките и „Мапет шоу“. Во 1985 година, проекцијата на „Враќање на Џедај“, шестиот дел од „Војни на ѕвездите“, предизвикала неповратни промени во животот на Конрад, благодарение на кои тој поверувал дека филмските галаксии се најдоброто место за негова иднина.
– Имам идеја за научнофантастичен филм, но за тоа треба голем буџет и во Полска не се снимаат такви филмови. Исто така, сакам да снимам филм за еден рок-бенд и во моментов работам на авторските права за нивната музика – откри Аксинович.