Македонските шахисти во Цетињe

ШАХ – БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО ЗА МЛАДИ

Во конкуренција на 11 шаховски федерации, Велкоски настапи во категоријата до 18 години, а Велева до 10 години. На Балканското првенство вчера се играше и турнирот во забрзан, а денеска и во брз шах

Македонските шахисти Стојан Велкоски (1.782 рејтинг-поени, рангиран петти пред почетокот на турнирот), во возрасната категорија до 18 години, и Илијана Велева (до 10 години), и двајцата од ШК Алкалоид, постигнаа голем успех, освојувајќи сребрени медали на Балканското првенство (БП) за млади (до осум, 10, 12, 14, 16 и до 18 години), кое се игра во Цетиње (Црна Гора).

На БП учествуваа сите држави од новоформираната Балканска шаховска федерација, или вкупно 106 шахисти/ки од 11 шаховски федерации (Македонија, Црна Гора, БиХ, Србија, Хрватска, Словенија, Романија, Молдавија, Албанија, Бугарија и Косово), а во сите категории играа заедно и момчињата и девојчињата, по девет кола.

Велкоски освои седум поени (шест победи, две ремија и еден пораз) и нови 96,3 рејтинг-поени, со играчки перформанс од 2.008 рејтинг-поени. Велева, пак, освои пет поени, односно имаше ист број поени како и првопласираната Теодора Сабоу од Романија, но послаб дополнителен критериум. Во категоријата до 16 години, Валтон Џеладин (1.520) го освои 12-то место, со 4,5 поени, а Бонита Јакимова е 18-та, со 0,5 поени. Во категоријата до 14 години, Михаил Николовски (1.227) е 15-ти, со 4,5 поени, Тамара Јовановска е 19-та, со четири поени, Оливера Николовска е на 21-то место, а Емилија Лушеска 23-та, и двете со по 3,5 поени. Во категоријата до 12 години, Игор Александар Спасов (1.265) е 11-ти, со четири поени, а Наде Смилевска е 16-та, со три поени. Во категоријата до осум години, Македонија немаше свој претставник.

На БП вчера се играше и турнирот во забрзан шах (10 минути, плус пет секунди по секој потег по играч) во девет кола, а денеска и турнирот во брз шах (три минути, плус две секунди), во 11 кола, а Македонија има 10 претставници. Г.И.