КАКВИ ТАБЛЕТИ ИМ СЕ НУДАТ НА СТУДЕНТИТЕ

Фамата за мистериозните таблети што им биле делени на студенти на кампусот на УКИМ се случува во исто време кога Ректоратот на Атинскиот универзитет за економија и бизнис бара од нивните надлежни органи итно и трајно да ги отстранат корисниците и трговците со дрога од деловите и улиците во непосредна близина на универзитетот

Белите капсули што кренаа паника во јавноста по информациите на социјалните мрежи дека им се делеле на студенти на кампусот на скопскиот универзитет,,Св. Кирил и Методиј“ се безбедни, тврдат надлежните. Реакциите на социјалните мрежи одеа дотаму што дури имаше коментари дека можеби на младите им се дели бесплатно дрога.

Ова кај нас се случува во исто време кога ректоратот на Атинскиот универзитет за економија и бизнис бара од нивните надлежни органи итно и трајно да ги отстранат корисниците и трговците со дрога од деловите и улиците во непосредна близина на универзитетот.

Според македонските власти, таблетите околу кои се крена фама се додаток во исхраната за концентрација и енергија на природна база. Одговорните во Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека производот,,вигорикс интенс“, кој содржи 39 капсули и е произведен од компанијата,,Херба медика“ од Словенија, е одобрен со мислење од агенцијата уште во 2015 година.

– Производот што е увезен и ставен на пазарот во Македонија од страна на операторот со храна „Бионика фармацеутикалс“ е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство како додаток на исхраната. Производот е одобрен по утврдување на усогласеноста на приложената документација за производот со националните прописи што се однесуваат за оваа група производи и документите од Агенцијата за лекови и медицински средства и стручното мислење од страна на Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија при Медицинскиот факултет. Производот не е лек – информираат во агенцијата.

Во Грција, пак, деновиве на Атинскиот универзитет нема услови за работа поради што Ректоратот, за заштита на правата на безбедност и хигиенски услови, одлучи симболично да ја одложи академската работа на додипломските студии. Ова го прават за да се активираат надлежните државни органи за итно и трајно отстранување на трговците со дрога и корисниците на наркотични средства од местата и улиците што се во непосредна близина на универзитетот.

Токму овие информации од соседството го вклучија алармот кај граѓаните и стравувањата да не се работи за сличен случај и кај нас. Сепак, според информациите од надлежните, воопшто нема опасност од такво нешто и апчињата се безбедни.


Производот е природен и безбеден

„Вигорикс интенс“ е комплетно природен производ, кој во својот состав содржи микрокапсулиран кофеин, екстракт од корен на женшен, екстракт од семе на гварана, витамин Б3, витамин Б6 и витамин Б12, информираат од компанијата „Бионика фармацеутикалс“, која на кампусот на УКИМ ги промовира таблетите за кои се крена прашина во јавноста.
– Производот се препорачува за одржување нормален енергетски метаболизам, одржување нормално функционирање на имунолошкиот систем, како и намалување на заморот и исцрпеноста. Производот е во овластена продажба во сите аптеки низ земјата, како и во Република Србија и во Словенија. За потребите на промоцијата беше изработено специјално промотивно пакување, а во редовна продажба производот може да се најде во комерцијално пакување. Изразуваме загриженост за реакциите на јавноста во врска со одржаните промотивни активности на додатокот на исхрана „вигорикс интенс“, на кампусот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ја информираме јавноста дека промоцијата на „вигорикс интенс“ е одржана со официјално одобрување од управата на Ректоратот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а за промоцијата беа ангажирани стручни лица, доктори и фармацевти вработени во компанијата. Додатокот на исхраната е одобрен и од Агенцијата за храна и ветеринарство – стои во реакцијата на производителот.