Македонската дијаспора во мисија за заштита на македонскиот идентитет
Ова е одлична патриотска и високохумана иницијатива, за која сите Македонци во Бугарија ќе бидеме многу благодарни. Спротивно на лагите дека сме биле помагани или финансирани од Скопје, вистината е дека ние секогаш сме се потпирале само на наши сили и на поддршката од нашите браќа во дијаспората. Оваа помош е добредојдена во нашата нерамна битка за права и достоинство во државата Бугарија, изјави Стојко Стојков, копретседател на ОМО „Илинден“-Пирин
Македонските иселеници во Австралија собираат доброволни прилози за поддршка и функционирање на македонските здруженија во Бугарија. Иницијативата за собирање финансиска помош за нашето малцинство во пиринскиот дел од Македонија произлезе од македонското друштво „Пирин“ од Мелбурн, кое го води Ицо Најдовски-Перин.
Почетната донација од 12.000 долари е веќе испратена на сметката на македонското културно друштво што кон крајот на месецот ќе се отвори во Благоевград. Парите треба да послужат за отворање на клубот и за судски трошоци за битката за правда што ја бараат Македонците од Бугарија пред европските судски инстанци. Според најавите, спонзорството ќе продолжи и во иднина, а намерата е да се отворат македонски здруженија и во другите градови во Бугарија. Активноста на нашите иселеници од Австралија, како што сме информирани, се одвива без непосредна помош и активност на официјалните македонски институции. Наедно, ова е своевиден одговор на сѐ поагресивната кампања што се води од бугарска страна, за отворање здруженија со имиња од времето на фашистичка Бугарија, кои отворено се залагале за уништување на македонскиот идентитет и јазик.
Како што е познато, на 30 октомври годинава Македонското меѓународно движење за човекови права помогна и најави отворање на македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“ во Горна Џумаја, кој е преименуван во Благоевград, во Пиринска Македонија. Културниот центар ќе го управува Македонското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права, организација што се залага за правата на угнетуваното македонско малцинство во Бугарија.
– Иницијативата за помош на Македонците во Бугарија тлееше долго време кај сите наши сонародници од Мелбурн и Викторија. Знаевме дека за активноста на Македонците од Бугарија пред меѓународните судови за човекови права се потребни многу напори и средства. Нашата акција не застанува со ова. Планираме во иднина да се поддржат и други здруженија на Македонците од Гоце Делчев, Сандански и Петрич.
Особено нѐ водеше мотивот дека македонските здруженија од Бугарија беа најгласни во одбрана на името на државата и им дадоа поддршка на нашите здруженија од Австралија. Иритирани сме од тоа што Македонија ќе мора да го менува Уставот за да ги внесе и Бугарите. иритира односот на македонските политичари и институции, кои ги запоставија нашите сонародници во Бугарија, за што се залагаме за реципроцитет во почитувањето на правата на малцинствата во двете земји – ни изјави Ицо Најдовски-Перин.
Оваа помош од македонските иселеници во Австралија нема да биде еднократна и ќе продолжи, со поддршка на културните настани што се поврзани со значајни македонски имиња и настани од Пиринска Македонија. Посебен акцент ќе се стави на продолжувањето на печатењето на македонското гласило „Народна волја“ во Благоевград.
– Ова е одлична патриотска и високохумана иницијатива, за која сите Македонци во Бугарија ќе бидеме многу благодарни. Спротивно на лагите дека сме биле помагани или финансирани од Скопје, вистината е дека ние секогаш сме се потпирале само на наши сили и на поддршката од нашите браќа во дијаспората. Оваа помош е добредојдена во нашата нерамна битка за права и достоинство во Бугарија. Акцијата на Ицо Најдовски е за секое поздравување и се надеваме дека ќе биде поддржана од нашите во Австралија и дека други ќе го следат неговиот пример. Ако сами не си помогнеме, нема да ни помогне друг – ни изјави Стојко Стојков, копретседател на ОМО „Илинден“-Пирин.
Адвокатот Тони Менкиноски, кој ги застапуваше македонските здруженија од Бугарија пред меѓународните судови за заштита на човековите права, смета дека македонските политичари мора да ги бранат интересите на Македонците во соседството. Во своите претходни јавни настапи, Менкиноски изјави дека во Бугарија има многу Македонци, кои се организирани во одредени форми, политички партии што водат процеси во Европскиот суд за човекови права, културни друштва, и дека не може да се зборува за македонски народ.
– Според меѓународните стандарди не е забрането да им помогнете на Македонците во соседните држави. Сум бил на многу форуми каде што македонските официјални делегации ги снемува кога ќе дојде ред да се зборува за македонското прашање, исчезнуваат по ходниците. Тие треба да ги застапуваат интересите на Македонците. Македонците во соседството успеаја да дојдат до голема победа. Пресудите во Европскиот суд на човекови права се за правото на здружување, Македонците со македонска самосвест се здружиле и формирале културно-уметнички друштва и партија. Софија ги забранува и таа забрана не е од денес. Во самите пресуди, судот вели дека Македонците ги признава како такви и прави јасна дистинкција меѓу Македонците и Бугарите – изјави Тони Менкиноски, М.Ј.