Енергетиката и инфраструктурата, поддршката на инвеститорите во слободните економски зони, пазарот на труд, како и царинските и даночните прашања, беа теми на тркалезната маса што ја организира Делегацијата на германското стопанство во Македонија заедно со Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори и Американската стопанска комора АмЧам.
Тркалезната маса на која присуствуваше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се одржа вчера попладне во Владата и на неа, како што наведува Делегацијата на германското стопанство, отворено биле дискутирани многубројните прашања и предлози доставени од инвеститорите.
Присутни биле 26 директори на најголемите германски и други странски инвестиции во земјава.
– Досега Делегацијата на германското стопанство самостојно организираше девет тркалезни маси, ова е прва која се организира во соработка со Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство и Амчам. Многубројните прашања и предлози кои ни беа доставени од инвеститорите беа отворено дискутирани. Најактуелни теми на оваа тркалезна маса беа од областа на енергетиката и инфраструктурата, поддршка на инвеститорите во слободните економски зони, пазарот на труд, царински и даночни прашања, напиша Делегацијата на официјалната фејсбук-страница.
На тркалезната маса присуствувале и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски, генералниот директор на „КОСТАЛ – Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори во Стопанската комора Виктор Мизо, како и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.