Бугарското претседателство објави официјален став за одбивањето на шефот на државата Румен Радев да ја поддржи декларацијата на деветмина негови колеги од Централна и Источна Европа за поддршка на интегритетот на Украина и нејзиниот прием во НАТО.
Документот со кој се осудува припојувањето на нови украински територии кон Русија го потпишаа претседателите на Романија, Чешка, Полска, Естонија, Латвија, Литванија, Македонија, Црна Гора и Словачка.
„Шефот на државата Румен Радев не се согласува со целосниот текст на декларацијата усвоена од некои источноевропски земји за членството на Украина во НАТО. Тој ги поддржува другите позиции содржани во документот“, се вели во соопштението од Бугарија, информира БТА.
Во него се наведува дека Бугарија е дел од декларацијата од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година за идниот пристап на Украина, но оваа декларација е усвоена во сосема поинаква безбедносна средина.
„Воените акции на територијата на Украина денеска бараат нејзиното членство во Алијансата да се дискутира во целосниот состав на Северноатлантскиот совет и да не доведе до ризик од директно вклучување на земјите од НАТО во војната“, се додава во соопштението.
Според него, одлуката за приклучување на Украина во НАТО треба да биде донесена „само откако ќе се развијат јасни параметри за мирно решавање на конфликтот меѓу Русија и Украина, кои ќе бидат прифатени и имплементирани од двете завојувани земји.
Во декларацијата, потпишана од други шефови на држави на иницијатива на романскиот претседател Клаус Јоханис, се вели: „Ние не ги признаваме и никогаш нема да ги признаеме обидите на Русија за анексија на украински територии. Силно ја поддржуваме одлуката на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година во врска со идниот пристап на Украина. Сите оние кои ќе извршат злосторства за агресија мора да одговараат и да бидат изведени пред правда“.