Украина има целосна контрола врз Лиман со најзначајното освојување на бојното поле на Киев во последните неколку недели, за кое висок функционер рече дека може да послужи како отскочна даска за понатамошни освојувања на истокот, пренесува „Ројтерс“.
– Од 12.30 часот, Лиман е целосно исчистен – рече украинскиот претседател Владимир Зеленски во кратката видеоснимка на неговиот канал на Телеграм.
Руските вооружени сили не го коментираа статусот на градот.
Руското Министерство за одбрана вчера објави дека ги повлекува војниците од областа „поради закана од опкружување“.
Последниот остар удар за рускиот претседател Владимир Путин дојде откако тој во петокот објави анексија на четири региони кои покриваат речиси една петтина од Украина, област која го вклучува Лиман.
Киев и Западот ја осудија декларацијата како нелегитимна фарса. Руските сили го зазедоа Лиман во мај и го користеа како логистички и транспортен центар за нивните операции во северниот дел на регионот Донецк.
Сергиј Гајдаи, гувернер на регионот Луганск, кој е соседен со Донецк, рече дека контролата над Лиман може да и помогне на Украина да ја врати изгубената територија во неговиот регион, чие целосно заземање Москва го објави на почетокот на јули.
– Ослободувањето на овој град во регионот Донецк е еден од клучните фактори за понатамошна деокупација на регионот Луганск – напиша Гајдај во неделата на „Телеграм“