Илустрација (Фото: Принтскрин)

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, побара ослободување на директорот на најголемата нуклеарна централа во Украина, кој бил заробен од руска воена патрола.

Повикот на Гроси дојде два дена по „притворањето“ на Ихор Мурашов.

Мурашов е приведен на патот меѓу електраната во Запорожје и градот Енерходар во Украина. „Беше изваден од автомобилот и со врзани очи одведен во непознат правец“, објави на Фејсбук „Енергоатом“, украинската државна компанија која управува со електраната „Запорожје“.

Гроси „изрази надеж дека Мурашов брзо и безбедно ќе се врати кај своето семејство и дека ќе продолжи да ги извршува своите важни функции во електраната“, објави МААЕ на Твитер.

Нејасно е зошто е приведен Мурашов. Руските власти се уште не соопштуваат информации за неговото приведување.

Електраната Запорожје и нејзината околина се под контрола на руските сили од март, додека украинскиот персонал продолжи да управува со централата.