Здружението „РИБАР 2011“ во периодот од 1 јуни до 1 октомври го имплементираше
проектот „Едукација на младите за заштита на биолошката разновидност и зачувување на природата преку еколошки активности”. Истиот беше финансиски поддржан од Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија. Целта на проектот беше да се подобри заштитата на биолошката разновидност во реката Треска и да се зајакне концептот на младинско учество во еколошки активности.
Во проектот беа спроведени четири активности, во кои земаа учество членовите на здружението, 20 млади екоактивисти, како и други спортско рекреативни риболовци. Во рамките на активностите беа поставени едукативно-информативни табли по течението на реката Треска под браната Матка (од каскада под кула до брана Матка) во должина од два километра и беше спроведена еколошка акција за чистење и уредување на истата патека. Беше спроведена обука на 20 млади активисти, која имаше за цел да
ги подобри знаењата на младите за значењето на биолошката разновидност и потребата од зачувување и унапредување на природата, како и да го зајакне интересот на младите за рекреативен риболов и заштита на речниот биодиверзитет (справување со рибокрадството).
Во септември беше спроведено порибување на реката Треска со подмладок од македонска пастрмка. Рибата беше набавена од овластен репроцентар. Со оваа активност во реката Треска беа пуштени 80 килограми мешан подмладок од 20-90 грама поточна пастрмка, со цел да се зголеми рибниот фонд во реката Треска и да се зачуваат и заштитат автохтоните видови риби во речните води.
За време на овој настан на присутните риболовци и рекреативци им се обрати проектниот координатор кој посочи дека целта на оваа активност е да го зачуваме овој автохтонен вид и дека со збогатување на риболовните води и подобрување на условите за риболов за сите нас здружението „РИБАР 2011“ ќе продолжи и во иднина. Меѓу другото најави и дека контролите ќе бидат постојани и зајакнати на порибените локации во наредниот период.