Фото: Игор Бансколиев

Спроведувањето на Договорот со Бугарија ќе ја чини државата дополнителни финансиски средства

Во најава е формирање нови државно-административни институции, чија работна задача ќе биде спроведување на контроверзните одредби од Договорот за добрососедство со Бугарија. Во ситуација кога во Македонија сѐ уште не е расчистена судбината на 250-300 државни органи, без адреса, невидливи со својата работа за граѓаните, во кои бројот на вработени им е од двајца (директор и секретарка) до дваесетина, формирањето нови институционално-административни тела на товар на државниот буџет, според соговорниците, личи на „влегување во парадокс на кратење на зголемените трошоци поради сите светски и домашни кризи, со создавање нов институционален буџетски товар“!?

Наспроти секојдневниот наратив на претставниците на власта во Македонија за справување со предизвиците на економската и енергетската криза, за кратење на трошоците, како и упатените апели до граѓаните да се мобилизираат за секаков вид штедење, министерот за надворешни работи Бујар Османи најавува чекори што се во спротивност со политиките на штедење и економисување, и тоа не со кратење туку со проширување и зголемување на бројноста на државната администрација.

Парадоксално, тој најавува и работи на формирање нови државни институции, чија работна задача ќе биде спроведување на контроверзните одредби од Договорот за добрососедство со Бугарија. Процесот на нивно формирање веќе е напреднат, па во контекст на работата на мешаната историско-образовна комисија со Бугарија, Османи неодамна информира дека сѐ уште чека известување од членовите на македонскиот тим за имињата што ќе им помагаат во работата и подготвувањето на состаноците, односно за бројноста и персоналниот состав на новото тело, секретаријат во рамките на МНР.

Пребројната администрација станува уште помногубројна

Формирањето нови институционално-административни тела на товар на државниот буџет, во ситуација кога во Македонија сѐ уште не е расчистена судбината на 250-300 државни органи, без адреса, невидливи со својата работа за граѓаните, во кои бројот на вработени им е од двајца (директор и секретарка) до дваесетина, според соговорниците, личи на „влегување во парадокс на кратење на зголемените трошоци поради сите светски и домашни кризи, со создавање нов институционален буџетски товар“.
– Самото постоење на историската комисија, на која сега ќе ѝ биде додаден и секретаријат, а и формирањето на некоја работна група, наведува на заклучокот дека Македонија не прашува за цена кога станува збор за спроведување на бугарските услови и уцени врз основа на Договорот за добрососедство, а сега вградени во францускиот предлог на преговарачката рамка. Не само што не прашува за цената на институционално-административниот товар на буџетот туку ни за цената на идентитетското обезличување на Македонија и Македонците. Државата формира три тела, пандан на политбироа, кои ќе треба да го оправдаат тоа идентитетско обезличување, политички наложено од Министерството за надворешни работи, а побарано од Бугарија. Министерството создава институционално алиби од научници (не мора дури и нужно да се историчари), кои „научно“ ќе го оправдаат она што како политички опортунизам се бара од нив – македонско идентитетско обезличување за исполнување на условите што Бугарија успеа да ги наметне во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија – вели професорот Тодор Чепреганов.

Тој смета дека ако условите за почеток на преговорите со ЕУ се исполнување на сите бугарски услови од фамозниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство, сите институционални тела формирани за оваа цел во Македонија работат интензивно на „научното аргументирање“ на политичките одлуки и уцени.
– Комисијата и сите други тела се создадени за да му дадат „ветер в грб“ на македонското МНР во аргументацијата за политизацијата, односно комисиската интервенција во историјата. Таквата комисиска историја се прави во тајност, и покрај уверувањата од членовите на комисијата за транспарентност. Ако беше сѐ толку транспарентно, зошто за решенијата на мешаната историска комисија од 2019 година се разбра во 2022 година? Во таков контекст конкурсите за пилот-лекции за историските теми што се договорени комисиски се бесмислени. Најдобро е тоа да го направат членовите на комисијата, зашто тие знаат што договориле и на какви промени се согласиле. Нивна е одговорноста за шах-мат позицијата во која ги доведоа македонскиот идентитет и историја, да се обидат да ја претстават како некаква пат-позиција. Предизвикот е уште поголем, зашто бугарската страна веќе триумфално кажува дека го добива тоа што го барала од историјата и идентитетот на Македонија и Македонците – смета професорот Чепреганов.

Не треба нов финансиски товар во услови на економска криза

За потребата од нови институционално-административни тела за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија, универзитетскиот професор по јавна администрација на Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски, смета дека таа е нов финансиски товар во услови на економска криза.
– Нема потреба од ништо повеќе од она што е предвидено со Договорот за добрососедство со Бугарија. Во тој договор се наведува обврска за формирање мешана експертска историско-образовна комисија, која постои и функционира со сите предизвици и застои во работата од 2017-2018 година. Формирањето нови тела, институции, работни групи (како и да се нарекуваат) за поддршка на таа комисија е сосема непотребно и, секако, претставува нов товар на буџетот. Сето тоа, во услови на економска, енергетска и сѐ уште незавршена здравствена криза, нема аргументи за оправданост, ниту од финансиски, па ниту од политички аспект. Наместо формирање нови тела за поддршка на историската комисија, можеби ќе беше подобро да се размислеше за вклучување во работата на добри историчари од страна, надвор од македонско-бугарскиот научен круг, кои би имале неутрална, научно аргументирана позиција. Се покажува дека научните комисии на паритетна основа, кои треба да решат некоја политичка ситуација, не даваат објективно решение и рамноправен излез од проблемот – вели професорот Борче Давитковски.