СПОРЕДБЕНА АНАЛИЗА ЗА ЦЕНАТА НА ЕНЕРГИЈАТА ПРЕТХОДНО И СЕГА
„Нова Македонија“ направи споредбена анализа за тоа колкави биле и колкави се сега трошоците за енергија на бизнис-заедницата, општините, здравствените установи, училиштата и угостителските објекти. Добиените податоци од релевантни извори се фрапантни и шокантни. Сметките за потрошена енергија во одредени сегменти се речиси десеткратно повисоки, што ги доведува во прашање функционирањето и опстојувањето на некои од клучните субјекти и институции во државата
Граѓаните, фирмите, институциите, јавните претпријатија и општините се соочуваат со предизвикот за редовно намирување на месечните сметки за испорачана електрична енергија. Податоците за висината на сметките за енергија се загрижувачки, а само долгот на некои најголеми потрошувачи кон еден од најголемите дистрибутери во земјата достигнува над 35 милиони евра. За струја должат болници, јавни институции и претпријатија, приватни фирми, училишта… Од различни извори доаѓаат информации за фрапантно високи сметки за струја во однос на минатата година. Колку за илустрација, здравствени организации што претходно плаќале месечно по две-три илјади евра за струја, сега се исправени пред предизвикот да платат неколку десетици илјади евра месечно! Кај стопанските субјекти состојбите се веројатно уште полоши.
Нивните првични пресметки покажуваат дека сега за електрична енергија треба да плаќаат речиси десеткратно повеќе. Ништо подобра не е состојбата ниту со општините, локалните претпријатија, училиштата итн.
Од општините во Полошкиот Регион деновиве предупредија на сериозноста на „струјниот“ удар под кој се наоѓаат локалните претпријатија, институции и училишта. За илустрација, последната месечна сметка за струја во ОУ „Братство Миѓени“ во Тетово стигна до 72.000 денари за околу 2.200 киловати, а дополнително следуваат зимскиот период и сезоната на греење. Ова училиште во зимскиот период троши околу 15.000 киловати и, според новите цени, ќе треба да плаќа 450.000 денари месечно! На ова треба да се додадат и трошоците за затоплување на училниците и за набавка на 30.000 литри нафта за домаќинство.
Колку за споредба, претходно добивале многу пониски сметки за потрошена енергија.
Во Заедницата на единиците на локалната самоуправа имаат извештаи за висината на месечните сметки за електрична енергија, но, како што велат, не можат да даваат поединечни податоци за некоја локална самоуправа.
– Во споредба со минатата година, сметките за електрична енергија се драстично повисоки. Генерална оцена е дека трошоците за струја се повисоки за пет-шест пати. Како ЗЕЛС, сме оствариле три средби со претставниците од централната власт. На последната средба со министерот за економија Крешник Бектеши беше посочен и проблемот со примената на новиот тарифник за електрична енергија, со кој за локалните самоуправи се пресметуваат повисоки износи за потрошена струја од страна на снабдувачот со електрична енергија. Од Општина Гостивар пристигна и предлогот за измени во следењето на наставата во училиштата, преку продолжување на распустот или со преминување онлајн настава, за која лично сметам дека е несоодветно решение за одржување квалитетна настава, ако се има предвид и претходното искуство во периодот на пандемијата. Во уште понезавидна состојба се комуналните општински претпријатија, па поради високите сметки за струја може да се доведе во прашање и редовното снабдување со вода за граѓаните. Комуналните претпријатија се оставени меѓу високите трошоци за енергија и повисоки цени на комуналните услуги, што повторно ќе треба да го плаќаат граѓаните преку повисоки сметки. Проблемот со скапата енергија не е едноставен и треба да се најде заедничко решение со централната власт, која, исто така, се соочува со ограничени финансиски можности. Како ЗЕЛС, прашуваме зошто локалните самоуправи, институциите и комуналните претпријатија на општинско ниво се третираат како и другите претпријатија што се оставени да плаќаат струја по пазарни услови – ни изјави Душица Перишиќ, директорка на ЗЕЛС.
Високите трошоци за електрична енергија сериозно се одразуваат и на редовните активности на домашните стопански субјекти.
– Сметките за струја во однос на минатата година, годинава растеа од 3,5 пати, па достигнаа висина од 6,5 пати поголеми цени во однос на 2021 год. Се разбира дека ова е голем раст на трошоците за работење и ретко која компанија може лесно да ги преброди. Нашата компанија во 2020 година инсталира соларна централа на покривот на фабриката и на тој начин прави заштеди од околу 10.000 евра месечно, но сепак сметката за струја во август достигна износ од 32.000 евра, што претставува 12 отсто во однос на бруто-платите во фирмата.Да не беше соларната централа, овој однос ќе надминеше 15 отсто и ќе беше загрозување на опстанокот на компанијата – ни изјави Ангел Димитров, менаџер во компанија „Ангел АД мода“ од текстилната дејност.
Според него, најголем проблем претставува ситуацијата што во други држави имаат двојно пониска цена на струјата од Македонија и на тој начин нашите компании ја губат конкурентноста на странските пазари.
– Владата најпрвин мора да направи добра анализа по сектори – кои сектори се најзагрозени. Секаде каде што зголемувањето на трошоците за струја е поголемо од 15 отсто во однос на вкупните трошоци на работење, ќе мора да се помогне, затоа што не верувам дека некоја компанија може да го покрие растот од над 15 отсто со заштеди на енергија. Се разбира, од помош ќе треба да бидат изземени компаниите што во 2021 оствариле добивка поголема од растот на трошоците за енергија, бидејќи тие можат самите да ги покријат зголемените трошоци. Врз база на оваа анализа ќе може да се пресмета колку средства се потребни од буџетот за покривање на овие зголемени трошоци и од каде да се обезбедат средства за оваа намена. Владата мора да пресмета и да го одбере „помалото зло“. Дали ќе се задолжи со нови кредити и ќе ги спаси фирмите и компаниите, а со тоа и работните места, или, пак, ќе остави пазарните законитости да одредат кој ќе преживее, а кој ќе затвори. Во таков случај мора да ги пресметаме финансиските последици врз буџетот во вид на исплата на надомест за невработеност на оние што ќе останат без работа, намалени придонеси во Фондот за здравство и за ПИО и намалени средства од даноци. Сепак, економијата е математика и потребен е здрав разум, без емоции, за да се донесе едно вакво решение – нагласува Ангел Димитров.
Во уште понезавидна состојба, поради високите трошоци за струја, се наоѓаат големите хотелски компании во Македонија, кои не се во можност да направат понуди за наредната туристичка сезона и за претстојниот зимски период, а кои се прават неколку месеци однапред, за да можат да бидат претставени програмите на големите туристички саеми и пазари.
– Порано сме се соочувале со неизвесност во планирање на цените на аранжманите, но тие отстапувања биле во износ од пет до десет отсто. Сега имаме состојба отстапувањата на цената на струјата да се повеќе од 150 отсто. Високите сметки за струја одземаат поголем процент од остварените приходи. Ако во минатите години трошоците за енергија биле околу десет отсто, сега тие достигнуваат над 20 и 25 отсто од вкупните остварени приходи на големите хотелски капацитети. Или ако лани сме плаќале седум-осум денари за испорачан киловат, сега плаќаме над 30 денари. Некои објекти се доведени пред одлуката дали да затворат во претстојниот зимски период. Неизвесно е како да се направи понуда за новогодишниот период со вака висока цена на струјата. Сега сме во состојба кога не можеме да дадеме и понуда за свадба што би се одржала следната година! Со пополнетост на капацитетите од 20 до 30 отсто, работењето за големите хотели е неисплатливо, а затворањето или отпуштањето на работниците станува поизвесно – вели Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ.
Од асоцијацијата на големите хотелски објекти во Македонија забележуваат на нееднаквите услови за стопанисување во однос на помалите и средните капацитети за сместување, за кои важат поповолни услови за набавка на електрична енергија. Од ХОТАМ потсетуваат на фактот дека домашното хотелиерство носи значаен девизен прилив и предлагаат од државата да се најде начин да се обезбеди електрична енергија под гарантирани цени од домашното производство на енергија. Со драстично зголемени сметки за електрична енергија се соочуваат и во здравствениот сектор, без разлика дали станува збор за приватно или јавно здравство. И таму бараат разни начини како да одговорат на предизвикот за големиот струен удар да не го загрози нивното нормално функционирање и да не се одрази врз пациентите М. Ј.