Со музика од нејзиниот личен гајдаџија, ковчегот со кралицата Елизабета Втора денеска беше спуштен во гробница во капелата Свети Џорџ во Виндзор.
Попладнево заврши последната јавна богослужба за кралицата Елизабета Втора со која светот се прости со еден од најдолговечните монарси.
Кралското семејство вечерва ќе присуствува на последната, приватна богослужба далеку од камерите кога ковчегот со кралицата Елизабета Втора ќе биде положен во капелата Свети Џорџ до нејзиниот сопруг принцот Филип.
– Се собравме да ја довериме во Божјите раце душата на неговиот слуга кралицата Елизабета. Овде, во капелата на Свети Џорџ, каде што таа толку често се поклонуваше. Ја паметиме како некој чија некомплицирана, но длабока христијанска вера даде толку многу плодови – рече деканот на Виндзор Дејвид Конер кој ја водеше богослужбата. Тој ја истакна нејзината добрина, посветеност на работата, беспрекорната служба за нацијата, грижата и охрабрувањето за нејзиното семејство, пријателите и соседите.
– Во екот на брзо променливиот и често проблематичен свет, нејзиното мирно и достоинствено присуство ни ја даде довербата да се соочиме со иднината, како што правеше таа, со храброст и надеж – рече Конер.
Потоа од ковчегот беа отстранети државна круна, топката и жезолот. Предметите му се даваат на деканот од Виндзор и тој ги става на високиот олтар. Овие церемонијални традиции го симболизираат крајот на владеењето на кралицата, додека таа за последен пат се разделува од својата круна.
Ковчегот потоа беше спуштен во кралската гробница, а беа изговорени и сите титули на кралицата.
Хорот на капелата Свети Џорџ ја изведе и британската химна Боже чувај го кралот, која кралот Чарлс Трети ја проследи видно вознемирен и ги затвораше очите додека ја пееше.
Друг симболичен момент беше кога лордот Чембрлен, Баронот Паркер церемонијално го скрши својот стап и го стави врз ковчегот на кралицата. Тоа означуваше крај на неговата служба кај кралицата.
Поранешниот шеф на МИ5 беше назначен за највисок функционер во домаќинството на покојната кралица минатата година. Работата на Лордот Чембрлен е да организира настани за монархот – но и да обезбеди дисциплина меѓу кралскиот персонал.
Тенкото, бело стапче за кое станува збор, историски се користело за да ги дисциплинира вработените кои не се однесуваат убаво како предупредување за да го подобрат своето однесување.
Кралското семејство ќе се врати вечерва во 20:30 часот по средноевропско време на последниот, приватен погреб далеку од камерите кога кралицата Елизабета Втора ќе биде погребана во капелата Свети Џорџ до нејзиниот сопруг принцот Филип.
Ковчегот на кралицата Елизабета Втора претходно беше на своето последно патување до замокот Виндзор од Лондон, каде што во Вестминстерската опатија се одржа државниот погреб.
Стотици илјади луѓе се собраа во Лондон на рутата низ главниот град на Британија за да го кажат своето последно збогум, додека милиони ширум светот го гледаа државниот погреб на телевизија.
Кралот Чарлс Трети и неговите браќа и сестри одеа зад ковчегот додека заминуваше од Вестминстерската опатија по државниот погреб, додека другите членови на кралското семејство патуваа со автомобил.
За време на богослужбата, кралот Чарлс беше видно трогнат и неколку пати за малку ќе заплачеше особено додека се пееше националната химна. Тој во венецот на ковчегот, кој беше направен со цвеќиња кои лично ги избрал, стави рачно напишана порака до неговата мајка.
– Во љубов и посветено сеќавање – пишуваше во пораката.
На погребот на кралицата во Вестминстерската опатија присуствуваа околу 2.000 луѓе, меѓу кои и членови на кралски семејства од цела Европа, политичари од сите страни на политичкиот спектар и светски лидери, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон.
Кралот Чарлс и кралицата сопруга Камила одеа веднаш зад ковчегот додека влегуваа во готската црква за богослужбата, по што следеа принцезата Ана и нејзиниот сопруг вицеадмиралот Тим Лоренс, потоа принцот Ендрју, а зад него и принцот Едвард и неговата сопруга Софи.
Принцот Џорџ и принцезата Шарлот беа со своите родители, а беа следени од принцот Хари и неговата сопруга Меган и други членови на кралското семејство.
За време на својата проповед, надбискупот од Кентербери Џастин Велби рече дека изливот на емоции за кралицата „произлегува од нејзиниот изобилен живот и служба со љубов, која сега ја нема“.
Велби ја опиша кралицата дека допрела „мноштво животи“ и оти била „радост“ за многумина.
– Луѓето кои служат со љубов се ретки во која било област од животот. Водачите кои служат со љубов сè уште се поретки. Но во сите случаи оние кои служат ќе бидат сакани и запаметени кога ќе се заборават оние кои се држат до власта и привилегиите – рече тој.
– Тагата на овој ден – што ја чувствува не само семејството на покојната кралица, туку и целата нација, Комонвелтот и светот – произлегува од нејзиниот изобилен живот и служба со љубов, кои сега ги нема – додаде.
Велби, стоејќи во црквата каде што кралеви и кралици се крунисани од 1066 година, исто така рече дека кралицата на својот 21-ви роденден изјавила „дека целиот нејзин живот ќе биде посветен на служење на нацијата и Комонвелтот“. Ретко кога такво ветување е толку добро одржано. Малкумина лидери го добиваат изливот на љубов што го видовме – додаде тој.
Помеѓу химните испеани на богослужбата, беше изведена и „Господ е мојот пастир“ која се пееше и на свадбата на кралицата со војводата од Единбург во опатијата во 1947 година.
Последен од кралицата во Вестминистерската опатија се прости кралскиот гајдаџија, полицаец од прва класа, Пол Брнс кој ја отсвире традиционалната тажалка „Спиј, мила, спиј“. Беа отсвирени и The Last Post, Reveille и националната химна.
Последното почивалиште на кралицата е меморијалната капела на кралот Џорџ Шести, анекс на главната капела каде што биле погребани нејзината мајка и татко, заедно со пепелта на нејзината сестра, принцезата Маргарет.
Ковчегот на Филип ќе се премести од кралскиот свод во меморијалната капела за да биде до ковчегот на кралицата.
Денешниот државен погреб на кралицата Елизабета Втора се смета за најголемата безбедносна операција во историјата на Велика Британија, надминувајќи ја операцијата за платинестиот јубилеен викенд и Олимпијадата во Лондон 2012 година.