Пчеларите од кичевско и годинава, како последниве десетина години, имаат слаби приноси на мед.
Тие проблемите ги лоцираат во угинувањето на дел од пчелите од пчелните семејства во текот на зимата и немањето на одредени медоносни растенија во полето, кои во претходните децении беа многу застапени на полињата во овој регион.
– По добрата пролет за очекување беше да имаме побогати приноси на мед од она што деновиве и официјално го извадивме од нашите пчеларници. Но како наближуваше цветањето на повеќето растенија сѐ повеќе бевме убедени дека и оваа ќе биде сиромашна година, како и повеќето во последната деценија. За слабиот принос на медот причини има повеќе од угинувањето на повеќе пчели од грлото пчелни семејства во текот на зимата што го ослабна нивниот капацитет. Од друга страна, сѐ помалку во полето имаме застапено медоносни растенија како багрем и липа и многу други и единствено преостана нешто да очекуваме од дабот, но годинава и тие очекувања не се остварија и по оваа календарска година имаме приноси како ретко кога слаби во изминатиов период – вели искусниот пчелар Јани Зердески, кој своите пчелни семејства ги има згрижено во старото село Брждани.
Ниту во Бродскиот регион состојбата не е многу подобра, а во одделни селски населби каде што има повеќе пчелари состојбата е идентична на онаа од кичевскиот регион.
– Долги години се занимавам со пчеларство, но од годинешната година не паметам друга посиромашна со мед. Приносите на мед беа толку слаби што остана само за прихранување за пчелите и речиси ништо за нас пчеларите, а камоли за продажба. Во оваа година кога цените на сите продукти од областа на пчеларството се многу повисоки, одгледувањето на пчелни семејства поради малите приноси на мед сѐ повеќе станува скапа, па дури и неисплатлива работа – вели Миле Стојкоски пчелар од Бродско.
Токму овој дефицит на природен мед на пазарот предизвика голем пораст на цените за тегла мед, кои се движат од 700 денари и нагоре.
З.А.