Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека Москва е подготвена да испрати над 300.000 тони руско ѓубриво, заглавено во европските пристаништа, до земјите во развој, доколку Европа се согласи дополнително да ги ублажи санкциите за рускиот извоз.
Путин, во говорот на Самитот на Шангајската организација за соработка во Узбекистан, истакна дека Европа само „делумно“ ги укинала санкциите што ја попречува продажбата и дистрибуцијата на руски ѓубрива низ светот.
Тој ја поздрави одлуката на Европска Унија за ублажување на некои логистички санкции за рускиот извоз, но во исто време ја обвини ЕУ за себичност.
– Само тие можат да ги купат нашите ѓубрива. А што е со земјите во развој и најсиромашните – праша Путин на Самитот.
Како дел од договорот со Украина, Турција и ОН, кој беше постигнат во јули, на Русија и беше дозволено да ги продава своите ѓубрива на глобалниот пазар, но мораше да ја укине блокадата на јужните украински поморски пристаништа и да и дозволи на Украина да извезува жито.