Ерлинг Холанд го постига победоносниот гол за Сити над Борусија (2-1) и потсети на идентичниот гол на легендарниот Јохан Кројф, за Барселона против Атлетико во 1973 година, означен како „невозможен гол“
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Напаѓачите беа во центарот на вниманието на мечевите од второто коло во Лигата на шампионите (ЛШ), со дадените победоносни голови, но и со индивидуалните рекорди. Манчестер сити забележа победа над Борусија Дортмунд (2-1) на мечот на кој блескаа двајца млади фудбалери, доскорешни соиграчи во Борусија, Норвежанецот Ерлинг Холанд (19), сега напаѓач на Манчестер сити, и Џуд Билингам (19), играчот од средниот ред на германскиот тим, големата надеж на англискиот фудбал.
Холанд го постига победоносниот гол за Манчестер сити и потсети на идентичниот гол на легендарниот Јохан Кројф, за Барселона против Атлетико во 1973 година, означен како „невозможен гол“ со висок акробатски скок и шут со надворешниот дел од стапалото од речиси невозможна позиција. Холанд стигна до бројката од 13 гола на деветте натпревари за Манчестер сити, вкупно 26 во ЛШ на 21 меч или во просек по еден гол на 62 минути. Тој е најмладиот играч во историјата на ЛШ, на возраст од 22 години и 55 дена, кој постигнал гол за и против истиот тим (Манчестер сити и Борусија).
– Каков гол. Се сеќавам многу одамна во Барселона, Кројф постигна сличен гол против Атлетико. Се сеќавам дека и Златан Ибрахимовиќ ја имаше способноста да ја крене „ногата до покривот“ и да даде гол. Ерлинг е доста сличен, мислам дека тоа е во неговата природа.
Тој е еластичен, флексибилен и има способност да оствари контакт со топката и да ја смести во мрежата – изјави Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, чиј тим го израмни рекордот на Челси од 21 натпревар дома (19 победи и два ремија) во ЛШ без пораз.
Единствениот гол за Борусија го даде Белингам, четврти за него во ЛШ, рекордни за англиски фудбалски тинејџер, од кои два против Манчестер сити, на 18-от настап во ЛШ, исто така нов рекорд за англиски играч до 20 години.
ПСЖ го совлада Макаби Хаифа на гости со 3-1, со головите на „ѕвездената тројка“ Лионел Меси, Килијан Мбапе и Нејмар. Меси испиша нова страница во историјата на ЛШ како прв играч што постигнува гол во 18 сезони во низа, една повеќе од Карим Бензема (17). Меси забележа и рекорд по постигнати голови против 39 различни тимови во ЛШ, еден повеќе од Кристијано Роналдо (38). Мбапе, пак, го даде 30-от гол за ПСЖ во ЛШ и е заеднички водечки клупски голгетер, со Уругваецот Единсон Кавани. Л.Д.