Веќе имаме лиценцирани шаховски инструктори што ќе ги обучуваат наставниците. Сѐ е направено и испланирано и од идната недела треба и официјално да почне обуката по овој изборен предмет, за кој, верувам, ќе има и многу заинтересирани ученици, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски

ПО ВОВЕДУВАЊЕТО НА ШАХОТ КАКО ИЗБОРЕН ПРЕДМЕТ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА

Од септември годинава, шахот е на листата на изборни предмети во основните училишта во Македонија. Како што е познато, Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) соопшти дека Бирото за развој на образованието, кој е орган на управа во состав на Министерството за образование и наука (МОН), ја одобри нивната програма за шах во училиштата за децата во прво, второ, четврто и петто одделение. Учебната година веќе започна, а за тоа како засега се одвива овој планиран проект добивме одговори од членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски.
– Одиме според зацртаниот план. Имаме изработено рекламни материјали, детална методологија, пратено писмо до општините во Македонија. Бирото за развој на образованието треба да прати известување до општините и од следната недела веќе подготвуваме обука за одделенските наставници како треба да го држат часот по изборниот предмет Шах, со зацртаната детална методологија и предмет што ќе биде описно оценуван од одделенските наставници – вели Стојчевски.
Според Стојчевски, веќе има интерес кај одделенските наставници да го посетуваат курсот за обука по изборниот предмет за шах во училиштата.
– Засега веќе има над 70 одделенски наставници што се пријавени да ја следат обуката, и тоа речиси во сите поголеми градови во Македонија, односно места каде што има пријавено поголем број заинтересирани одделенски наставници за шахот како изборен предмет во прво, второ, четврто и петто одделение – информира Стојчевски.
Проектот, секако, ќе има позитивно влијание во градењето на децата пред сѐ како здрави личности со правилно размислување, а потоа шахот и шахистите ќе добијат најголема бенефиција.
– Од срединава на месецов веќе можат да се пријавуваат децата што ќе сакаат да го изучуваат овој изборен предмет, како и наставниците што ќе го посетуваат курсот по изборниот предмет Шах во прво, второ, четврто и петто одделение кој ќе се изучува едно полугодие со по еден час неделно. Веќе имаме лиценцирани шаховски инструктори што ќе ги обучуваат наставниците. Засега сѐ е направено и испланирано и од идната недела треба и официјално да почне обуката по овој изборен предмет, за кој верувам ќе има и многу заинтересирани ученици – вели Стојчевски. Г.И.


ШФМ експресно реагира

Од средината на август, кога Бирото за развој на образованието при МОН не информира дека е одобрено шахот да биде изборен предмет во основните училишта, ШФМ експресно реагира, од потребните материјали до деталната методологија како ќе се работи. Исто имавме ТВ-емисии и информиравме на оваа тема по медиумите за што подобро да ги запознаеме родителите на децата за изборниот предмет Шах во училиштата и сето она што ги интересира нив – потенцира Стојчевски.