Бриж го изненади Порто, декласирајќи го на гости со 4-0, и стана првиот белгиски тим што ги добил првите два меча во групата во ЛШ. Спортинг беше подобар од Тотенхем, со 2-0, со головите постигнати во судиското дополнување на времето

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Белгиски Бриж и португалски Спортинг се најпријатните изненадувања по првите две кола во групната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Тие забележаа по две победи, дадоа по пет гола, а не примија ниту еден. Бриж го изненади Порто, декласирајќи го на гости со 4-0, и стана првиот белгиски тим што ги добил првите два натпревара во групата во ЛШ (во првото коло беше совладан Баер Л., со 1-0). Стрелец на еден гол беше Антонио Нуса, кој на возраст од 17 години и 149 дена стана вториот најмлад играч што дал гол во ЛШ (рекордер е Ансу Фату од Барселона, со 17 години и 40 дена). Порто, двократниот европски првак, по двете кола, е без бод и со само еден постигнат гол (1-6).

Бриж, европскиот вицепрвак од 1978 година, лани заврши на четвртата позиција во групата во ЛШ, со една победа, едно реми и четири порази (гол-разлика 6-20) и беше првата екипа што примила четири или повеќе гола на четири натпревари во низа. Тренер на Бриж, актуелниот шампион на Белгија, кој е во серија од седум победи по ред, е Карл Хофкенс, кој лани му беше помошник на Алфред Шредер, сегашниот тренер на Ајакс. Главни играчи се младиот Холанѓанец Ноа Ланг (23), кој мина низ младинските академии на Феенорд и на Ајакс, шпанскиот напаѓач Феран Јутгла (23), кој го засили белгискиот клуб по краткиот престој во Барселона, и Данецот Андреас Сков Олсен (22).

Спортинг првпат во клупската историја забележа победи на првите два меча во една кампања во ЛШ, овој пат над Тотенхем (2-0), со головите постигнати во судиското дополнување на времето. Клучен во португалскиот тим е играчот од средниот ред Педро Гонсалвеш (24) и повремена „лажна деветка“, поранешен играч на Вулверхемптон и на Валенсија, кој беше најдобар стрелец во португалската лига во сезоната 2020/2021, со 23 гола. Одличен меч одигра и Маркус Едвардс (23), кој настапуваше за Англија на младинските нивоа, до 20 години, и кого го споредуваа со Лионел Меси! Тој во потрага по поголема минутажа го напушти Тотенхем и, по Екселсиор Мускрон во Белгија и за Виторија Гимареш, се пресели во Спортинг.
– Чувството е одлично, мислам дека ја заслуживме победата. Беше посебно чувство да се игра против Тотенхем, беше добро да се видат луѓето што ги познавам, играчите и стручниот штаб. Јас останав ист, овде се чувствувам како дома и не можам да бидам посреќен. Секако дека би сакал да се вратам во Премиер-лигата еден ден, но засега се фокусирам на она што го правам овде – изјави Едвардс.

Л.Д.


Ливерпул се рехабилитира

Со голот на Жоел Матип во 89-та минута, Ливерпул прокнижи важна победа над Ајакс, 2-1, на „Енфилд“, со многу подобра игра од онаа против Наполи во првото коло, која менаџерот Јирген Клоп ја нарече „хорор“. За Матип тоа беше 10-ти гол во сите натпреварувања и на сите тие 10 меча Ливерпул не беше поразен. Првиот гол за „црвените“ го даде Мохамед Салах, негов 34-ти во ЛШ (клупски рекорд), прв од февруари против Интер, со што му стави крај на најдолгиот период без голови во ова натпреварување (седум натпревари).
Роберт Левандовски немаше успешно враќање во Минхен во дресот на Барселона, против Баерн (0-2), кој ја прокнижи втората победа во групата, без примен гол. Левандовски постигна девет гола на шесте натпревари за новиот клуб, но на арената „Алијанц“ пропушти неколку добри шанси во првото полувреме, што на крајот скапо ја чинеше Барселона. Баварците ги дадоа двата гола за четири минути (во 50 и 54-та), преку Лукас Хернандез и Лирој Сане, кој постигна гол на последните четири меча на домашен терен во групната фаза.

Л.Д.


ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ,
ВТОРО КОЛО

Група А: Ливерпул – Ајакс 2-1, Ренџерс – Наполи (синоќа)
Група Б: Баер – Атлетико 2-0, Порто – Бриж 0-4
Група Ц: Плзен – Интер 0-2, Баерн – Барселона 2-0
Група Д: Спортинг – Тотенхем 2-0, Марсеј – Ајнтрахт 0-1

СИНОЌА
Група Е: Милан – Динамо З., Челси – Салцбург
Група Ф: Шахтар – Селтик, Реал Мадрид – Лајпциг
Група Г: Копенхаген – Севилја, Манчестер С. – Борусија Д.
Група Х: Јувентус – Бенфика, Макаби Х. – ПСЖ