Со договорот за обезбеденост на храна склучен во рамки на последниот самит на „Отворен Балкан“ се обврзавме дека нема да има бариери меѓу Албанија, Србија и Македонија. Ќе се обезбедуваат доволно прехранбени продукти во секој поглед, а така ќе биде и за млекото. Нашата поддршка или промена во политиките ќе биде сериозна, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Тој во одговор на новинарско прашање дали ќе бидеме снабдени со прехранбени продукти, посочи дека преку овој договор, се она што ние го немаме треба да ни биде обезбедено од страна на Србија или Албанија, а тоа што тие го немаат а ние го прозиведуваме, а имаме вишок, треба да го споделиме.
-Во рамки на договорот за обезбеденост на храна кој што го склучивме во рамки на последниот самит на „Отворен Балкан“, се формираше и комисија која ги анализира сите складишни капацитети на сите три држави, се со цел да ги обезбедиме граѓаните со основните продукти во рамки на овие три земји. Ние за 30 отсто предлагаме зголемување на основните субенции по грло во делот на сточарството, ги елиминираме сите мерки кои се злоупотребуваа до сега на база на сите анализи и верувам дека овој концепт ќе даде сериозна поддршка во делот на сточарството, како и останатите мерки од програмата за рурален развој – додаде Николовски.
Тој напомена дека ќе се анализираат тековните состојби а во моментов, како што рече, нема некој аларм во однос на недостиг на продукти.