Извештаите за украински напредок во тековната контраофанзива против руските сили се „охрабрувачки“, смета американскиот министер за одбрана Лојд Остин, јави ДПА.

– Ние сега гледаме успех во Херсон, гледаме некаков успех во Харков и тоа е многу, многу охрабрувачко – изјави тој денеска за време на посетата на Прага.

Остин доби прашање зошто САД не ја снабдија Украина со проектили со дострел дури и поголем од оној на постојните ХИМАРС ракети.

– Ние остануваме посветени и се погрижуваме да им го дадеме потребното за да успеат – одговори Остин.

Во фокус на неговите разговори во Прага беше зголемена соработка во одбраната меѓу САД и Република Чешка, партнери во НАТО Алијансата.

По состанокот со чешката колешка Јана Черночова, Остин истакна дека и двете страни се заинтересирани за склучување соодветен договор „што е можно поскоро“.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Ентони Блинкен посочи дека САД сакаат да ја стават Украина во силна дипломатска преговарачка позиција среде нејзината контраофанзива против Русија.

– Во овој момент, ние не гледаме индикација од Русија дека ќе биде подготвена сериозно да води таква дипломатија. Но, доколку и кога ќе дојде тоа време, Украина треба да биде во најсилната можна позиција – истакна Блинкен во Брисел по состанок со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Тој ги пофали украинската офанзива и територијалните придобивки на југ и на исток.