Приказната за Брет Шенон Џонсон ништо не значи за обичниот човек, меѓутоа за американските безбедносни служби ова име и неговите сајбер-дела се добро познати. Тој некогаш бил сајбер-криминалец и еден од ретките што биле соработници на тајната служба. Денес работи како главен криминалистички офицер во една американска компанија за спречување сајбер-измами. Негово недвосмислено тврдење од емпириските истражувања е дека „квантитетот на сторителите на кривичните дела од областа на сајбер-криминалот и злоупотребите со криптовалутите енормно расте!“
Сајбер-криминалот и криминалот со криптовалутите, според аналитичарите, го достигнува својот врв. Сите анализи на безбедносните експерти за оваа област покажуваат дека квантитетот на сторителите на кривичните дела од областа на сајбер-криминалот и злоупотреби со криптовалутите енормно расте! Дополнително, економската криза во која запаѓа целиот свет (негативно) мотивира голем број граѓани да се обидат да се збогатат со начини и методи спротивни на законот, користејќи разни интернет-измами. Дека тоа е факт потврдуваат и низа сајбер-експерти, од кои некои дури „ја минувале црвената линија на своите легални активности“.
Интернет-хакерите имаат пристап до
пософистицирани алатки од кога било
Можеби името Брет Шенон Џонсон ништо не значи за обичниот човек, меѓутоа за американските безбедносни служби ова име е добро познато, бидејќи некогаш тој бил сајбер-криминалец. Тој е еден од ретките што биле соработници на тајната служба и ја предале.
Денес работи како главен криминален офицер во една американска компанија за спречување сајбер-измами. Како човек што многу добро ја знае темната страна на интернетот, тој вели дека денешен предизвик за полицијата се ботовите, кои речиси секој може да си ги дозволи. Тој предупредува дека интернет-хакерите имаат пристап до пософистицирани алатки од кога било, а дополнително тие се помотивирани да крадат додека економската слика се влошува.
Според него, и неискусни криминалци можат да реализираат совршено криминално сајбер-дело со помош на ботови, кои лесно може да се набават на пазарот на ботови „Генесис маркет“.
– Имате софистицирани алатки што 98 отсто од сајбер криминалците едноставно не ги користат, а она што ме плаши во моментов е дека ја гледаме таа промена за нивна сѐ поголема употреба – вели Џонсон.
Поранешниот сајбер-криминалец потенцира дека овие бот-пазари можат да испорачаат сè што му треба на хакер од ниско ниво за да изврши комплицирани финансиски злосторства.
– Кога ќе го посетите пазарот на „Генесис“, можете да ја пребарувате целта што сакате да ја добиете. „Чејс“, Банката на Америка, „Гугл“, „Валмарт“… можете да ја пребарувате целта. Ќе ви достави ботови што пристапуваат до акредитации за таа цел… Па, јас го купувам ботот, а ботот испорачува сѐ што ми треба – додава Џонсон.
Веројатно не е премногу тешко за Џонсон да влезе во начинот на размислување на сајбер-криминалецот. Во 2005 година, тој бил уапсен за интернет-измама и се согласил да работи со Тајната служба како доушник. Додека работел за Тајната служба, Џонсон продолжил да го прекршува законот, вршејќи кражба на идентитет преку Интернет и крадејќи илјадници долари пред повторно да биде фатен и уапсен.
– Конечно го отслужив моето време и ми се даде можност да го свртам мојот живот, што го искористив, за среќа – изјави тој.
За жал, според него, економскиот пад ќе доведе до пораст на финансискиот онлајн криминал.
– Имате многу луѓе што никогаш не би помислиле да го прекршат законот, но сега, бидејќи економијата е лоша, тие луѓе седат таму и размислуваат: „Па, како да ги платам сметките, ратата за кредит, како да купам храна и облека за моите деца… Овие луѓе, кои обично не би го прекршиле законот, сега го усвојуваат ставот „ќе го сторам тоа што треба да го сторам за да го издржувам моето семејство“ – предупредува Џонсон.
Сајбер-криминалот е во пораст, особено кога станува збор за криптовалутите. Минатиот месец хакерите наводно украле повеќе од 190 милиони долари од криптофирмата „Номад“. Неодамнешниот извештај на „Чеин аналисис“ проценува дека износот на пари украдени при кражби на криптовалути е зголемен за 60 отсто оваа година.
Што се тоа ботови?
Колку пати сте пристапиле до некоја интернет-адреса каде што првично од страницата ви било побарано да кликнете на едно квадратче доколку не сте робот односно бот? Интернетски бот, интернет-бот, веб-робот или само бот е скратен назив за софтверски робот, односно интелигентен софтверски агент. Ботовите често вклучуваат елементи на вештачка интелигенција.
Зборот „бот“ доаѓа од англискиот збор „bot“, кој, пак, од своја страна, потекнува од зборот „робот“. Типично, ботовите извршуваат едноставни и структурно повторувачки задачи, со многу поголема брзина од човекот. Најголема примена ботовите имаат во веб-индексирањето, при кое автоматска скрипта презема, анализира и сместува информации од опслужувачи со многу поголема брзина од човекот. Повеќе од половината од веб-сообраќајот произлегува од ботовите.
Сепак, во светот на интернетот постојат правила на однесување на ботовите. Постојат датотеки што ги уредуваат правилата на однесување на ботовите. Доколку некој бот има опслужувач, односно доколку некој бот работи за некого, мора да ги почитува правилата, во спротивно ќе му биде одбиен пристапот или ќе биде отстранет од афектираното мрежно место. Некои ботови се „добри“, на пример индексерите на пребарувачите, додека други може да се користат за злонамерни напади, особено во политички кампањи.
Во преносно значење, овој поим се користи за припадниците на интернет-тимовите на политичките партии чија должност е да пишуваат коментари за поддршка на своите партии и нивните водачи на веб-порталите и друштвените мрежи, вршејќи на тој начин влијание на јавното мислење.
Неколку вида ботови (интелигентен софтверски агент)
Постојат неколку вида ботови: интернет-бот, чет-бот, спам-бот, играчки бот и партиски бот.
Интернет-ботот се интегрира на мрежните места, при што на мрежата се однесува како да е човек. Најчесто се применува за реклами или спамови, но и за корисни работи, како што е техничка поддршка на корисниците.
Чет-ботот „е партнер за допишување“. Постојат добронамерни и злонамерни чет-ботови. Добронамерните обично се користат како техничка поддршка за одредено мрежно место, односно производ, за да му се помогне на корисникот полесно да дојде до саканата информација. Речиси секогаш тие се претставуваат како бот за да му свртат внимание на корисникот дека разговара со машина. Значајна му е употребата во образованието, каде што може да преземе улога на инструктор или предавач. Злонамерните обично не сакаат да бидат откриени дека се машини, туку сакаат корисникот да мисли дека разговара со човек. Овие ботови главно имаат цел да рекламираат одредено мрежно место и корисникот да го упатат на него. Најчесто се појавуваат на веб-чет локациите или во вид на банер на одредени мрежни места.
Спам-ботот спаѓа во категоријата штетни софтвери и може да служи за реклама на одредено мрежно место, односно производ, или цел да му наштети на одредено мрежно место, корисник или група корисници.
Може да прави автоматски налози на одредено мрежно место, најчесто на форуми, и да остава голем број пораки. Тие пораки може да имаат цел да рекламираат одредено мрежно место, односно производ, или да имаат задача да ја нарушуваат нормалната дискусија меѓу корисниците, така што ја прават помалку разбирлива, и со тоа да ѝ го наруши рејтингот на таа страница.
Играчкиот бот се користи во компјутерски игри, каде што му е противник на играчот. Добропознати примери се компјутерскиот шах и стратегиските игри со повеќе противници, или кога играте против компјутерот. Исто така широка примена имаат во тимските игри, кога на тимот му недостига играч, ботот ја презема неговата улога.
Партиските ботови се најпопуларни кај нас, во секојдневната дискусија на политичките противници на социјалните мрежи. Најчесто така се нарекуваат членовите на политички партии (обично оние пониските), кои за мал надоместок пишуваат афирмативни коментари во корист на својата партија. Ваквите активности се најизразени во текот на предизборните кампањи. Партиското ботување, покрај пишувањето афирмативни коментари, вклучува и вештачко влијание на односот на оцените под коментарите (плусови и минуси), така што едно лице може повеќепати да оцени ист коментар со помош на софтвер за криење на ИП-адресата.