Македонија во својата понова историја имаше повеќе обиди за референдумско изјаснување на граѓаните како највисок облик на демократија, од кои како единствен успешен референдум на ниво на државата се смета само референдумот за независност од 8 септември 1991 година. Но какви се законските прописи и процедури кај нас и во светот во однос на референдумот

Референдумските искуства кај нас и во светот

Во контекст на најновите најави за спроведување референдум, интересно е да се види какво е досегашното референдумско искуство во Македонија, но и пошироко, во регионот и во Европа. Според упатените, само референдум поддржан од двете најголеми политички партии или коалиции, што значи и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, може да биде успешен, во смисла на обезбедување учество на најмалку 50 проценти од запишаните гласачи.
Дури и шефот на државата Стево Пендаровски, неодамна, изјави дека би требало да се сменат референдумските правила, за референдумот да се смета за успешен ако позитивно се изјаснило мнозинство од оние што излегле да гласаат, без разлика дали на гласање излегле над 50 отсто од гласачите.
– Јас сум дури во една таква ситуација да го симнеме прагот од 50 плус еден од запишаните гласачи и да биде само од оние што сакаат да гласаат тој ден. Власта и опозицијата да го сменат Законот за референдум, да го исчистиме избирачкиот список според она што е нов попис – изјави Пендаровски откога опозицијата решително се заложи за референдум.
Според важечката референдумска регулатива, за успех на референдум што се организира на државно ниво, потребно е на гласање да излезат најмалку 50 отсто плус еден гласач, од кои, повторно, најмалку половина треба да се изјаснат позитивно на поставеното прашање.

Сложена процедура со премногу бариери

Инаку, според законските прописи, иницијаторите за референдум ќе треба да ги соберат предвидените 150.000 потписи, или околу 8,5 проценти од вкупниот број избирачи, што исто така се смета за голема бројка во споредба со бројот на потписи потребни за поведување референдум во други држави. Некои малку постари споредби покажуваат дека за иницирање референдум, на пример, во Словенија се потребни 40.000 потписи, што е околу два отсто од запишаните избирачи, во Австрија се потребни 100.000 потписи или 1,2 од вкупниот број избирачи, во Италија се потребни 500.000 или само еден процент од гласачите… Роковите за собирање потписи исто така се различни.
Во однос на законските можности за инволвирање на граѓаните на Македонија во процесот на одлучување веќе беа изнесени голем број критички мислења.
– Елитите во Македонија имаат воспоставено исклучително високо ниво на самоодбрана од „упад“ на граѓаните во процесот на одлучување. За декор, да, Уставот пропишува доста можности граѓаните да го кренат својот глас и да бараат донесување одлука во свој прилог. Но кога ќе пристапат кон процедурата што е наложена за да дојде до тоа, сфаќаат колку бариери им се поставени на патот, бариери што се намерно поставени за граѓаните да се откажат од својата намера да ги искористат уставните механизми за свое влијание – смета политикологот Здравко Савески.
Во стручната јавност има различни мислења и во однос на формулацијата на референдумските прашања, конкретно и во однос на најновата иницијатива од опозицијата. Според професорката Билјана Ванковска, нам не ни е проблем (само) Бугарија, туку ни треба гласно НЕ пред ЕУ, која ги благослови бугарскиот национализам и шовинизам вграден во рамката. Во македонската јавност и претходно имаше дебати во однос на дефинирањето на референдумските прашања, што донекаде ги оправдува и сегашните стравувања и резерви во однос на дадената формулација.
– Европските уставни судови и врховните судови на сојузните американски држави ги контролираат формите и содржините на референдумските прашања во однос на нивната јасност и разбирливост како гаранција за непристрасното и чесно референдумско изјаснување. Контролата е предвидена со уставите или според мислењата на уставните судии – го објаснува професорката од Катедрата за уставно право во Загреб, Билјана Костадинов, начелото на јасноста на референдумското прашање.

Што предвидуваат законските прописи

А за потсетување, референдум на цела територија, односно на државно ниво, распишува собранието, по сопствена иницијатива и по предлог на најмалку 150.000 граѓани. Предлогот за распишување референдум на државно ниво, со образложение, се поднесува до претседателот на собранието. Парламентот е должен во рок од 30 дена од поднесувањето на предлогот да донесе одлука за распишување референдум. Одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласало мнозинството од вкупниот број граѓани што гласале, ако гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон е утврдено поинаку. Собранието е должно во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да го уреди прашањето, односно законот по кој се одлучувало на референдумот, во согласност со резултатите од референдумот.

Сите досегашни референдумски искуства

Единствениот успешен референдум на ниво на државата беше референдумот за независност на 8 септември 1991 година, кога излегоа над 75 отсто, или 1.079.308 запишани избирачи, од кои речиси 97 отсто се изјасниле позитивно на прашањето „Дали сте за суверена и самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“
Во 1996 година имаше иницијатива да се одржи референдум на кој граѓаните би се изјасниле дали се за предвремени парламентарни избори до крајот на таа година (мандатот на парламентарниот состав беше до 1998 година). ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија собраа 150.000 потписи и побараа од Собранието да распише референдум. Собраниското мнозинство го отфрли барањето, со заклучок дека тоа прашање не е во негова надлежност, а Уставниот суд утврди дека на иницијаторите не им биле повредени правата.
Во следните осум години немаше посериозни иницијативи за референдуми, сѐ до територијалната поделба од 2004 година. На референдумот што се одржа на 7 ноември 2004 година, прашањето беше да се задржи дотогашната територијална организација на локалната самоуправа во земјата, односно да се поништи законот подготвен од СДСМ и од ДУИ за менување на границите на општините. Референдумот беше инициран со собирање 150.000 потписи од страна на Светскиот македонски конгрес и со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Излегоа над 450 илјади гласачи, што е околу 27 отсто од гласачкото тело, далеку од потребниот цензус. Над 95 отсто гласаа „за“.
Референдумот во однос на договорот од Преспа, за интеграција на земјата во ЕУ и во НАТО, беше трет на национално ниво. На 30 септември 2018, гласачите беа прашани „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“ Од регистрираните 1,8 милион гласачи, на гласање излегле 666.743 граѓани, од кои 609.813 се изјасниле позитивно. Сепак, поради малиот одзив и неисполнувањето на законските предуслови, Државната изборна комисија го прогласи овој референдум за неуспешен. Со самото тоа, и Преспанскиот договор и обидите на тогашните власти за промена на името на државата не добија широка граѓанска поддршка, односно беа отфрлени од мнозинството граѓани, по што се премина кон друго сценарио со трансфер на пратеници.

Во меѓувреме имаше и две неуспешни иницијативи за организирање референдум на државно ниво. Граѓанската иницијатива АМАН, која имаше поддршка од 13.169 граѓани, се обиде на 14 февруари 2013 година да организира референдум за измена на Законот за енергетика заради враќање на евтината дневна тарифа на електрична енергија, како и за стопирање на наплатата на парното греење за граѓаните што не го користат. Пратениците ја отфрлија иницијативата на АМАН.
И македонските бранители, во 2013 година, бараa референдум за смена на тогашниот министер за одбрана Талат Џафер. Партијата на македонските бранители Достоинство започна кампања за собирање 150.000 потписи потребни за распишување референдум на кој граѓаните би се изјасниле за прашањето „Дали прифаќате поранешни борци на Ослободителната национална армија, која се бореше против владините безбедносни сили за време на конфликтот во 2001 година во Македонија, да бидат избрани за министри за одбрана, за правда или за полиција?“ Парламентот ја одби иницијативата, по што Достоинство се обрати до Уставниот суд ,од каде што одговориле дека референдум за прашања што се уредени со Бадентерово мнозинство не може да се одржи.
Референдумското искуство, исто како и многубројните други, покажа дека Македонија е многу далеку од Швајцарија, во која референдумот игра значајна улога во политичкиот живот. Уставот на Швајцарија ја регулира процедурата, но граѓаните, а не Владата, одлучуваат за тоа кога и за што ќе се одржи референдум, кој може да биде обврзувачки и необврзувачки, а практиката постои уште од 1848 година. Затоа, Швајцарија, меѓу другото, е позната и по тоа што нејзините граѓани, во просек, три-четири пати годишно излегуваат на референдум. Д.М.М.