Антиципирањето на тезата дека Бугарија може да ја искористи и струјата како можност за поставување нови услови за Македонија беше влезено во агендата за политички анализи и пред средбата на највисоко ниво на релацијата Скопје – Софија. Имено, билатералната комуникација со евентуалното потсетување на политичките ултиматуми (уцени) од бугарска страна, на економскиот (енергетски) состанок во Софија, предупредуваше на внимателност од опцијата за можен „струен удар“ по македонскиот јазик, историја и национален идентитет…

Енергетската солидарност да не биде шанса
за Софија за изнуда на политички концесии од Македонија

Инвентивноста на бугарската политика од „утврдени цивилизациски вредности и норми на меѓународното право“ нештата да ги претвори во предмет на уцена во македонските евроинтеграции е длабоко очигледна. Токму таа нивна „инвентивност во меѓународната практика“ остава огромна резерва и сомнеж во можноста и договорената испорака на електрична енергија и декларираната солидарност да се претвори во шанса за изнуда на уште некои политички концесии од Македонија. При посетата на македонскиот премиер на Софија, на почетокот на седмицава, организирана пред сѐ за економско-енергетска соработка, т.е. Македонија да обезбеди и договори увоз на струја од Бугарија, домаќините (претседателот Радев и в.д.премиерот Донев) не ја пропуштија можноста да го потсетат дискретно Димитар Ковачевски за бугарската солидарност и „покрај бурните политички страсти“, но и директно дека се очекува спроведување од македонска страна на „Договорот за добрососедство и сѐ што е договорено помеѓу протоколите на меѓувладината комисија“. Таквата комуникација со „потсетување на политичките уцени“ на билатерален економски состанок предупредува на внимателност од опцијата, по македонскиот јазик, историја и национален идентитет, Бугарија и струјата да ја искористи како можност за поставување нови услови за Македонија.
– Старите нѐ учеа дека од Бугарија не може ништо добро да очекуваме. Ние не им верувавме и потрошивме 20 години за да докажеме дека, сепак, можеме да имаме искрено пријателство со бугарските соседи. Последниве четири години, Бугарија направи сѐ што можеше да нѐ демантира нас што поддржувавме пријателство и да ги потврди нашите стари. Низ таа призма на песимизам веќе го гледам секој нареден чекор на градење пријателство со Бугарија. Притоа, продавање струја на Македонија не е некој чекор на пријателство и солидарност, туку е прашање на трговија и бизнис. Имаме проблематично искуство од претходно во трговијата со струја со Бугарија, не ја исклучувам можноста тоа да ни се повтори и со овој договор. Особено што ние во Македонија имаме влада потоната во коруптивно и криминално поведение – вели Петар Богојевски, национален лидер на партијата Македонски концепт.

Според договорот што го постигнаа македонскиот премиер Ковачевски и неговиот бугарски колега, Галаб Донев, Бугарија ќе испорачува 200 мегават-часа струја од почетокот на октомври до крајот на март идната година,за да се ублажи енергетската криза во Македонија, со што ќе се обезбеди непречено снабдување со струја на индустријата, што е едно од клучните барања на бизнис-секторот во земјава. Двајцата премиери договориле формирање работна група што треба да ги утврди техничките аспекти во врска со потпишувањето и склучувањето договор во областа на електроенергијата за снабдување со количества во износ од 200 мегават-часа струја за потребите на Македонија заклучно со март, следната година.
Ваквата договорена испорака на електрична енергија од Бугарија во Македонија, како и претходно договорената енергетска солидарност и соработка на самитот на Отворен Балкан во Белград меѓу Македонија, Албанија и Србија, лидерите на земјите од регионот сакаат да ја претстават како своевиден пандан и во контекст на енергетските договори за презимување на земјите-членки на ЕУ. Таквото настојување повторно го поттикнува прашањето за солидарноста на земјите-членки на ЕУ и внатре во Унијата, па потоа и кон земјите со кандидатски статус.
– Пандемијата е показател на нивото на солидарност во ЕУ, односно како се однесуваат земјите-членки меѓусебно, а не пак спрема земјите што не се дел од Унијата. Се покажа исклучителната себичност речиси на секоја земја-членка, заинтересирана само да ги задоволи сопствените потреби, воопшто незаинтересирана за другите, а ние од Западен Балкан како воопшто да не постоевме за ЕУ. Сега нема да биде неочекувано таквото однесување да се повтори и во случај да се реализираат заканите за енергетската криза.

Поврзано со нашиот билатерален договор за испорака на електрична енергија од Бугарија, ценам дека тој е потпишан во несоодветен момент, со оглед дека во моментов во Софија функционира привремена влада. Кога ќе биде (ако биде) формирана нова влада во Бугарија, по изборите што треба да се одржат наредниот месец, таа може комотно да не ги признава договорите склучени од привремената влада. Дополнително е симптоматично што во тој всушност купопродажен договор за струја е внесена и политика, со потсетување за Македонија дека треба да исполни политички услови наведени во Договорот за добрососедство. Предизвикот на цела Европа сега е како да се презими зимата, а Бугарија не пропушта да потсети на своите „политички очекувања“ од Македонија за својата „солидарност“. Тоа никако не му прилега на сосед, на пријател, а најмалку на земја-членка на ЕУ – вели поранешниот македонски дипломат Љупчо Арсовски.