Фото: Игор Бансколиев

ЧЕСТИТКИ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА ОД ПОЛИТИЧАРИТЕ, НО И ОД ГРАЃАНИТЕ

Честитки по повод Денот на независноста упатија и голем број граѓани, здруженија, странски дипломати, многу од нив напишаа и песни, а во продолжение ви пренесуваме некои од пораките.
– Минаа 31 година. Нешто научивме, нешто не, нешто заборавивме, нешто не сакавме ни да научиме. Сонцето се раѓало и ќе се раѓа насекаде. И денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата. И ќе се раѓа и утре и другиден и уште многу години и векови, додека горите Македонски шумно ќе пеат, знамето ќе се вее, а Македонците се борат за својте правдини и додека водат сметка да не се истребат меѓу себе во борбата за докажување кој е поголем Македонец. Ај, за многу години – напиша отец Пимен.


Игор Џамбазов напиша песна на Инстаграм:

Земјо моја мистична и волшебна,
дива и егзотична,
баксузна, ама посебна,
хаотична и невротична.
Земјо моја библиска,
со многу богови паднати на главата.
Земјо моја исконска,
со ѓаволи што ти ја крадат славата.
Кој така ти пресуди, кој толку те
испусти?
И кој се плаши името да ти го изусти?
Еве, јас не се плашам и не се срамам,
и длабоко в срцето ќе те врамам.
Ќе се качам на Кораб горе, највисоко,
па ќе викнам силно: МАКЕДОНИЈО!
И дури очиве ми гледаат,
да те гледам среќна, МАКЕДОНИЈО!


Новинарката Анита Даева напиша:

Моја љубов над љубовите
И ранета и осакатена и напатена
Некогаш од туѓинци, денес од свои
Ама не твои.. Некои недораснати за народ да љубат , народ губат
Едни име не ти спомнуваат
Други те прекрстуваат
Зли чеда кои за човечност не знаат
Нит се срамат, нит се каат
Дишењето ти го успоруваат
Крвта ти ја ослабуваат
Години минуваат, ништо не менуваат
Плачеме во себе што остана од тебе
Од Бога создадена убавотија
Од нелуѓе претворена во бедотија
Пепел ти фрлија
Снага ти нагрдија
А пустите не знаат
Оти душава жива е и битисува
Само кога македонисува!
ТЕ ЉУБАМ, МОЈА МАКЕДОНИЈО


И професорот и поет Тони Манџуковски-Манџук објави песна:

ЧЕСТИТ ПРАЗНИК
Дали, и по толку години
независност,
те заслужуваме,
или за разноразни интереси
те заложуваме?
Дали само за минатото
ќе прераскажуваме,
или со дела кон подобро утрo
ќе покажуваме,
та со ум, стратегија
и труд, верба
ќе докажуваме.
Но сепак едно знај,
од тебе никогаш,
ама баш никогаш,
не се откажуваме!

(песна од книгата 21 г.® – збирка стихови откорнати од душата)


Честитка од американскиот Стејт департмент

Американскиот Стејт департмент, во име на САД, испрати честитки до народот на Македонија по повод 31-годишнината од независноста на земјата.
– САД ќе продолжат да стојат со вас додека правите одличен напредок за зголемување на просперитетот на сите ваши граѓани, подобрувајќи го владеењето на правото и зацврстувајќи ги вашите демократски институции. Ви пожелувам најдобри желби на овој посебен ден – порача, меѓу другото, во својата честитка државниот секретар Ентони Блинкен.