Овие скулптури не се состојат едноставно само од квалитетот на материјалот за да се прикаже индивидуална форма, туку местото каде што се конзервира еротската слика на цивилизацијата што сè уште се чека, а која честопати за да се идентификува го избира патот на уметноста, вели Зени Балажи за изложбата
Изложба на скулптури „Ерос“ на Луан Мулиќи, професор и член на Косовската академија на науките и уметностите, ќе биде отворена утревечер, во објектот „Чифте-амам“, во 19 часот.
– Еротската уметност е широко поле во визуелните уметности, вклучувајќи ја и скулптурата како уметничко дело, но и усната и пишаната култура воопшто. Еросот како тема, мотив или лајтмотив се јавува уште од епските песни, со фигуративен слој, особено во народните лирски фолклорни песни, кои се познати како љубовни песни од сите краишта. Исто така, експлицитно се појавува и во романтичната литература, кај Де Рада (Песните на Милосао), подоцна кај Чајупи, па до албанската модерна литература, Кутели и Миѓени, за во современата литература да се прошири во поезија, проза и драма.
Значи, во еротските теми, провокативни од уметнички, но и смели од професионален аспект, не само во една скулптура туку и во неколку тематски скулптури, авторот се фокусира во истражување на еротиката и вклучува многу скулптури со описи на маж и жена во различни сексуални позиции, интерактивни во различни положби – се вели во најавата.
Многу уметници експериментирале и вршеле студии со кои сексот го претвориле во научна дисциплина, надминувајќи ги традиционалните предрасуди и табуа.
– Оваа изложба доаѓа во време кога ваквите теми за проблематиката на сексуалното образование недостигаат како наставни предмети во училиштата и, следствено, во недостиг од информации за сексуалното образование, зголемени се случаите на несакана бременост кај малолетничките, главно средношколки. Затоа, често, социолозите, психолозите и уметниците го поставуваат прашањето за сексуалното образование. Ова станува итна неопходност во услови кога младите се соочуваат со незнаење (колку и како треба) за управувањето со нивното репродуктивно здравје. Дали примерок на еротска уметност е нешто срамно или не, зависи од стандардите на јурисдикцијата и на заедницата во која се појавува. Скулпторот Луан Мулиќи предлага да се користи зборот „еротски“ за да се опишат презентациите и претставите што имаат или, барем, од некои уметници се сметаат како сексуална активност – пишува Зени Балажи за изложбата.
Дефиницијата на Мулиќи за еротската уметност е како уметност за сексуална тема што се поврзува особено со емоциите, а не само на сексуалните дејства и описи што се естетски оправдани. Сепак, иако неговиот акцент на емоциите е разбирлив од етимолошка гледна точка – терминот „еротски“ е изведен од грчкиот збор „ерос“, што значи љубов или страст. Сликите во видливите инфилтрации на креативната индивидуалност дефинираат специфичен фигуративен концепт на ставот кон настаните, луѓето, историјата и еротиката, сместени сите заедно во длабочините на бесконечниот простор.
Многу култури создале еротска уметност, меѓу најстарите преживеани примероци на еротски описи се сликите издлабени од палеолитските пештери. Тој ги истражува овие пештери каде што се чуваат античките цивилизации, извлекувајќи од нив хиероглифи и симболи што произлегуваат од духовната внатрешност, речиси во целосна голотија, како што правеа Грците и Римјаните во прикажувањето на најочигледните вистини и на психологијата во нивните фигури. Во 1932 година, исто така, го видел Пикасо на врвот на својата слава, каде што ја насликал својата најексплицитна сексуална работа, поттикнат од неговата страсна афера со младата, 22-годишна Мари Тереза Волтер, која била негов модел. Тоа беше важна година во неговиот живот, бидејќи музејот на Пикасо во Париз и „Тејт модерн“ во Лондон организираа изложба насловена „Љубов, слава, трагедија“ и ја оквалификуваа како еротска година на Пикасо. По тој повод, Пикасо рекол дека сликањето е само уште еден начин да се води дневник.
– Осумдесет проценти од 300 дела што ги создал Пикасо ја претставуваат женската форма. Тие, несомнено, повеќе се однесуваа на сексот отколку на љубовта, каде што една деценија пред тоа на француски јазик било објавено и влегувањето на Фројд во психоанализата, но работата на Пикасо ја истражува двојноста на човечкиот ум. Многу од портретите што ги насликал во тој период биле визуелно поделени на два дела. Често се сликал себеси како кентаур или минотаур – получовек, полубик, каде што моќта на самото дело произлегува од тензијата помеѓу сензуалноста и насилството, животинското и божественото.
За продолжување на овој дневник и во текот на новиот милениум се појавуваат многу светски уметници, реагирајќи кон реалноста преку различни медиуми (техники) на еротската уметност. Еден друг и посебен начин се тематските и актуелните скулптури на скулпторот Луан Мулиќи, кои се одвиваат во полуреални структури, каде што машко-женската фигура гравира сè, сугерирајќи на монументална димензија пронајдена дури и во случаи кога делата се со мали димензии. Овие скулптури не се состојат едноставно само од квалитетот на материјалот за да се прикаже индивидуална форма, туку местото каде што се конзервира еротската слика на цивилизацијата што сè уште се чека, а која честопати за да се идентификува го избира патот на уметноста – дополнува Зени Балажи.