Со аматерската репрезентација на поранешна Југославија во Тунис

Иако имаше примамливи понуди од повеќе екипи, дури и од странство, тој не ја напушти Автокоманда. Со клупскиот другар Данчо Торбаков беа на нишан на Победа, па и преговараа, но се премислија и останаа во МИК

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (246)

Кирил Лазов (2)

Има фудбалери што кога ќе се врзат за една средина, и покрај многубројните понуди од други клубови, му остануваат верни на клубот во кој ја доживеале афирмацијата. Еден од тие што целата кариера ја минаа на едно исто место е Кирил Лазов. Тој дојде во Автокоманда, заигра за Индустријалец, кој подоцна го смени името во МИК, а потоа и во Скопје, кое и денес постои и се натпреварува во Македонската фудбалска лига (МФЛ). Толку се соживеа со средината и луѓето што и не помислуваше да си замине од скопската населба и да заигра за некој друг клуб. Лазов, кого популарно го нарекуваа Кирка, дури одби да игра и за Металец, и покрај заканата од раководството на фабриката „Металски завод Тито“, ако не се регистрира за клубот кој заводот го спонзорира, дека ќе добие отказ од работното место. Тој цврсто стоеше на својот став да не си оди од Индустријалец, клуб познат по другарството и убавата атмосфера што владееше во него, по цена и да ја загуби работата! Тоа и се случи, Кирка остана без работа, но проблемот брзо беше решен со помош на големиот фудбалски работник, подоцна и претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Алексо Кипровски. Тој го прими во работната организација „Радијатор“, каде што тој беше директор. Така проблемот со вработувањето брзо беше решен, а интересно е дека непосредно потоа дојде и до фузионирање на Индустријалец и Металец, што значи ако ова здружување побрзо се случеше, тогаш и Лазов немаше потреба да замине од „Металски завод Тито“. Но, таков е животот, никогаш не можеш да предвидиш што носи иднината.

ВО ВОЈСКА – ТРЕНИНГ СО ЈЕРКОВИЌ

На средината на 1960-тите години, Лазов, како и сите негови врсници, мораше да замине во тогашната ЈНА. Но и тука имаше една среќна околност. Тој воениот рок го служеше во Карловац, каде што, пак, тренер на локалниот клуб беше еден од легендарните хрватски фудбалери и тренери, Дражен Јерковиќ.
– Кога разбрав оти Јерковиќ, кој беше југословенски репрезентативец, а во еден период алфа и омега во загрепски Динамо, е тука, отидов на еден од неговите тренинзи. Внимателно го следев тренингот, а кога тој заврши, отидов кај него и му се претставив кој сум. Му кажав дека пред доаѓањето во ЈНА бев стандарден голман на Индустријалец, па доколку е можно, би сакал и овде да тренирам. Тој веднаш ми рече да одам другиот ден на тренинг, а доколку имам проблеми со старешините во единицата, можам да го употребам и неговото име за да ме пуштат. Откако на старешината му реков дека Јерковиќ ме очекува на тренинг, немаше никаков проблем. Уште на првиот тренинг, Јерковиќ се увери во моите квалитети и ми рече дека тој ќе издејствува да можам да одам на сите тренинзи. Така, благодарение на него, јас и додека бев војник редовно тренирав – се сеќава на тоа време Кирка.
Кога се врати во Скопје, тренер во Автокоманда беше Јово Никушев, кој одлично ги знаеше голманските способности на Лазов.
– И тој беше среќен што се вратив токму во времето кога Индустријалец, кој веќе беше преименуван во МИК, го очекуваа многу предизвици. Клубот квалитетно беше издигнат, па, така, не само што беше рамноправен ривал на оние поискусните екипи туку често и ги надигруваше. Така, дојдовме до пласман во Макeдонската лига, потоа и во Втората лига, низ квалификациите со Влазними од Ѓаковица, во кои нѐ водеше Урош Петровски. За оваа средба веќе говорев, а ја споменав и големата радост за успехот што завладеа во Автокоманда. Тогаш почувствував колку се луѓето среќни и си реков дека е ова вистинското место за мене и никогаш нема да го напуштам МИК – вели Лазов.

НА ГОЛОТ НА АМАТЕРСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Лазов стана познато име во фудбалскиот свет не само во Македонија туку и пошироко на поранешните југословенски простори.
– За првпат пошироката јавност ме запозна кога бранев за аматерската репрезентација на Македонија во финалето за аматерски првак на тогашна Југославија. Игравме на стадионот на ЈНА во Белград, против Словенија. Откако ја фатив првата топка, оти сум малку и суеверен, си реков, е сега нема да примам гол. Штом ја „уловив“ првата топка, работата ќе биде готова, победуваме! И навистина беше така, победивме со 3-0 и станавме аматерски прваци на поранешна Југославија. Тогаш собрав многу аплаузи за моите интервенции на високите топки, за кои бев и специјалист. Таа средба се играше пред повеќе од 30.000 гледачи и всушност беше предигра на дуелот помеѓу А-репрезентациите на поранешна Југославија и Бугарија – појаснува Лазов.
По овој финален натпревар, Лазов во сезоната 1966/1967 беше повикан од селекторот на аматерската репрезентација на поранешна Југославија, Марко Валок, да ги брани боите на поранешна Југославија на натпреварите што претстоеја.
– Првиот настап никогаш нема да го заборавам. Во клубот заборавиле на телеграмата од Фудбалскиот сојуз на Југославија (ФСЈ) и дури во петокот ми соопштија оти треба да заминам за хрватскиот град Сисак, каде што веќе во неделата нѐ очекуваше дуел со аматерите од Германија. Набрзина се спакував, од клубот ми дадоа некој динар да купам нови алишта и вечерта заминав на пат. Во Белград ме пречекаа и ми обезбедија билет до Сисак, каде што стигнав доцна во ноќта. Утредента уште мамурен слегов во ресторанот и тука првпат ги видов моите репрезентативни колеги. Тие, кои неколку дена беа на подготовки, веќе знаеја за мене и ме очекуваа. По појадокот, веднаш се одржа состанок на кој Валок го соопшти составот. Кога рече дека на голот ќе биде Лазов, мене ми се сврте во главата. Си помислив, не познавам никого, а ќе треба со нив да ги бранам боите на државата. Брзо се созедов и си реков: „Кирка, сега ти е шансата“. Бранев одлично, имав неколку интервенции и не примив гол, а средбата заврши 0-0 – коментира Лазов.
Потоа Лазов одигра уште шест натпревари за аматерската репрезентација на поранешна Југославија. Следен, по оној во Сисак, беше дуелот против Тунис, на гостински терен.
– Домаќините поведоа, а ние со голот на Јанковиќ израмнивме и мечот заврши 1-1. Потоа ѝ гостувавме на Италија во Фиренца, каде што загубивме со 0-1. Затоа, пак, во реваншот во Љубљана им возвративме, ги победивме со 2-0. Имавме и реванш со Германија во Кобленц, каде што бевме поразени со 0-1. Шестиот настап ми беше против Турција во Анкара, 1-1, а во мојот последен меч за репрезентацијата ја победивме Австрија, во Грац, со 1-0. На сите средби бранев од првата до последната минута – вели Кирил.
За одбележување е што во Анкара, Лазов доби највисока оценка – пет ѕвездички. Турците сакаа да го одведат во некој истанбулски клуб, дури требаше со него да одведе и некој наш солиден центархалф, но тој ја одби понудата!

ОДБИЕНА ПОНУДА ОД КЛУБОТ ПОБЕДА

Тоа беше време во кое Лазов можеше да избира во кој клуб сака да игра. Дојде и понуда од прилепска Победа, преку познатиот Цобе Вардар.
– Ме бараа мене и Торбаков. По инсистирање на Цобе Вардар, двајцата заминавме за Прилеп на преговори. Луѓето нѐ пречекаа, имаше и богата трпеза во тамошниот хотел „Липа“. Ние бевме некако збунети и откако нѐ прашаа за условите што ги бараме двајцата, уста не отворивме. Првпат бевме во ваква ситуација да се договараме за трансфер и едноставно не знаевме што да кажеме. Ако споменевме некоја сума, си мислевме да не е многу висока, ако кажеме друга пак, да не е ниска! На крајот и домаќините забележаа дека сме збунети и ни дадоа време да размислиме и да дојдеме со конкретни барања. Луѓето беа коректни, а јас и Торбаков седнавме во првиот шинобус и тргнавме назад за Скопје. Данчо во еден момент се расположи и запеа од среќа што не се договоривме. Јас, пак, кога запеа бев малку изненаден и му реков: Зошто се радуваш толку, па луѓето не нѐ врзаа и не нѐ држеа сосила да останеме во Победа! Тоа беше наша желба, а за тоа што ние не можевме да се разделиме од Автокоманда, тоа е друго прашање. Така јас целата кариера ја минав во клубот, кој промени три имиња, Индустријалец, МИК и Скопје, и ѝ останав верен на Автокоманда. Данчо потоа заигра за Работнички и беше еден од главните играчи, а кариерата ја заврши во Ѓорче Петров – вели Лазов.
Кирил Лазов останува запаметен во скопскиот и македонскиот фудбал. Имаше убава кариера, а ќе се паметат неговите настапи за аматерската репрезентација на поранешната држава Југославија, а и оние одбрани во Втората лига, против Бор, Трепча, Напредак, Борац, Шумадија и Приштина. Тој беше еден од најзаслужните за освојувањето на шестото место во првата второлигашка сезона во 1971/1972 година. Последниот настап за Скопје, популарниот голман Кирка го имаше против Бор во 1973 година.