Американската администрација е подготвена на Тајван да му продаде оружје во вредност од над една милијарда долари, бидејќи тензиите меѓу САД и Кина се зголемуваат околу статусот на овој остров, наведуваат американски официјални претставници запознаени со ова прашање. Кина синоќа го предупреди САД за „контра-мерки“ доколку не се откажат од најавената продажба на оружје на Тајван, изјави портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон.
Продажбата на оружје од 1,09 милијарда долари вклучува ракети воздух-море „Харпун“ за 355 милиони долари и ракети воздух-воздух „Сајдвиндер“ за 85 милиони долари, соопштија официјални лица. Тие додаваат дека најголемиот дел од 655 милиони долари биле за пакет логистичка поддршка за тајванската радарска програма за надзор, што обезбедува рано предупредување на противвоздушната одбрана.
Американската администрација синоќа требаше да го извести Конгресот за продажбата на оружјето, соопштија официјални лица. Се очекува Конгресот да соопшти дека договорите се во согласност со американската политика за една Кина и во согласност со посветеноста на САД за одбрана на Тајван.
-Кина ќе преземе решителни легитимни и неопходни контрамерки со оглед на ситуацијата – рече портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон Лиу Пенџи.
Инаку, Стејт департментот соопшти дека опремата му е потребна на Тајван за да „одржи доволна способност за самоодбрана“. Директорката на Белата куќа за Кина и Тајван, Лаура Розенберг доцна синоќа изјави дека додека Пекинг продолжува да го зголемува притисокот, вклучително и зголеменото воено воздушно и поморско присуство околу Тајван и додека се обидува да го промени статус квото во Тајванскиот теснец, САД на овој остров му го обезбедуваат сето тоа што му е потребно за „да се одржат неговите способности за самоодбрана“.
Тензиите и острата реторика меѓу САД и Кина за Тајван значително се зголемија откако претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси на почетокот на минатиот месец го посети островот.