Управниот одбор на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј” од Битола донесе одлука возрасната група на членовите утре да слика пред Министерството за образование и наука (МОН) од 10 до 13 часот. Целта, е велат од УО, враќање на статусот на детското ликовно студио кој по 30 години е прекинат од страна на
МОН, со што 55-годишната организација ќе мора да биде затворена, а
светскиот детски ликовен бренд „Мал Битолски Монмартр” прекинат по 41 година.
Детското ликовно студио утре пред МОН ќе одржи и прес-конференција со почеток во 11 часот, на која се поканети да присуствуваат и амбасадори на дипломатско конзуларните претставништва од сите земји во Македонија.
Зад ваквите одлуки на УО од детското ликовно студио велат дека стојат и родителите, а сепак, добар дел од родителите на децата кои се членови на студиото реагираат за ваквите постапки на УО и велат немаат намера да ги пуштаат децата да цртаат во Скопје, бидејќи не сакаат младите ликовни уметници да бидат инволвирани во
политички игри. М.М.