Остатоци од корпа за отпадоци на автобуска постојка

Едни од најпосетените места во Скопје се автобуските постојки, каде што секојдневно превоз чекаат илјадници граѓани од метрополата и од другите градови, но голем е бројот и на туристи што го користат јавниот градски превоз. Бидејќи спаѓаат меѓу локациите со исклучително голема фреквенција на луѓе, на секоја автобуска постојка има канта за отпад, каде што граѓаните што чекаат автобус можат да го фрлат ѓубрето. Но благодарение на несовесните граѓани, не секоја постојка во Скопје го има тој „луксуз“

Несовесни граѓани сѐ почесто ги уништуваат и оштетуваат јавните добра

Локалните власти како еден од приоритетите во изминатиот период си го поставија чистењето на главниот град од депонии, но и ефикасно елиминирање на сите локации каде што неодговорните граѓани го фрлаат ѓубрето. И тоа досега успешно се реализираше со системско целење на сите постојни диви депонии, како и со санкционирање на загадувачите што беа фатени на дело. Кога станува збор за санкционирањето, тука, сепак, станува збор за големите загадувачи, кои истураат стотици килограми отпад во природата. Се отвора прашањето што е со оние што загадуваат на малку поинаков начин, на пример оние што ги уништуваат садовите наменети за фрлање ѓубре.

НАМЕСТО КАНТИ ЗА ОТПАДОЦИ, ПЕПЕЛИШТЕ НА ПОСТОЈКИТЕ

За да се долови комплетно атмосферата, новинарска екипа на „Нова Македонија“ направи обиколка и забележа каква е сликата на некои од најфреквентните места во градот. Повод за ова беа пристигнати поплаки од читателите дека кантите за отпадоци што се поставени на некои автобуски постојки се уништени, најчесто како последица на несовесни граѓани што фрлаат догорчиња во нив.
Едни од најпосетените места во Скопје се автобуските постојки, каде што секојдневно превоз чекаат илјадници граѓани од метрополата и од другите градови, но голем е бројот и на туристи што го користат јавниот градски превоз. Бидејќи спаѓаат меѓу локациите со исклучително голема фреквенција на луѓе, на секоја автобуска постојка има канта за ѓубре, каде што граѓаните што чекаат автобус можат да го фрлат ѓубрето. Но благодарение на несовесните граѓани, не секоја постојка во Скопје го има тој „луксуз“.
– Јас живеам во Бутел 2 и нашата постојка неодамна остана без канта за ѓубре, бидејќи некој си фрлил догорче во неа. И покрај тоа што веднаш до постојката има и бетонска канта за отпадоци, на која може да се изгасне цигара, сепак, некој одлучил да фрли догорче во пластичната канта, која за миг се пеплосала – вели Давид Манчевски, жител на оваа скопска населба.
За жал, тој вели дека ова не е прв случај да се запали канта за отпадоци на автобуска постојка. Пролетва беше запалена канта и на постојка во централното градско подрачје, а сето тоа како последица на неизгасена цигара.
Жителите велат дека не виделе кој фрлил догорче, додавајќи дека доколку би успеале да го видат сторителот на дело, веднаш би пријавиле во полиција.
Сето тоа претставува ризик да предизвика поголем пожар, со сериозни размери. Не знам како некој не може да разбере дека одговорност и совесност се нешто што секој поединец мора да го има?! Згора на тоа, се уништува нешто што е навистина од корист за сите, ако сакаме чист и уреден град – вели Манчевски.

КОМУНАЛЦИТЕ ГО РЕГИСТРИРААТ ПРОБЛЕМОТ, НО ТУКА ЗАВРШУВААТ НИВНИТЕ ИНГЕРЕНЦИИ

Ова е доста чест проблем за јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје. Оттаму нѐ информираа дека тие не се соочуваат само со запалени мали канти за отпадоци, туку и со запалени цели контејнери. Токму затоа нивните екипи се постојано на терен во напорите да ги лоцираат уништените или оштетените, а потоа и да се постават нови садови за отпад.
„Нова Македонија“ во неколку наврати пишува и тематски обработува прашања што ги засегаат сите граѓани на метрополата. Нашата цел е да се превенираат сите дејства што водат до уништување на јавното добро, но и да им се укаже на надлежните за засилени контроли и инспекции, за да се заштитат имотот и опремата што се плаќаат од џебот на граѓаните.
Во комуникација со претставниците на комуналното претпријатие бевме информирани дека станува збор за сериозен проблем, на кој тие му посветуваат должно внимание. Во изминатиов период тие евидентирале уништување на 40 канти за отпадоци што биле поставени на автобуските постојки, но тука завршуваат нивните ингеренции.
– „Комунална хигиена“ нема ингеренции во смисла на санкционирање на граѓаните што ги оштетуваат контејнерите или кантите за отпадоци, тоа е надлежност на МВР. Апелираме до граѓаните за совесност кон јавните добра и хигиената во градот – ни изјавија од јавното претпријатие.