Според многумина политички аналитичари, социолози, комуниколози и дипломати од кариера со повеќедецениско искуство, со кои се консултиравме и ги анкетиравме, се издвојува несоодветниот начин на кој се третирани клучните информации од јавен интерес од страна на државните институции. Имено, самите институции, поради гореспоменатиот несоодветен начин на односи со јавноста, од небрежност креираат и продуцираат јавно незадоволство, нагаѓања, шпекулации и претпоставки што се шират меѓу граѓаните како „концентрични кругови на политички озборувања“, карактеристични за ова време. Поради таквиот однос и начин на третирање на информациите од јавен интерес од страна на државните институции, дилемата што отворено се наметнува во јавноста е дали, всушност, тие сѐ повеќе, игнорирајќи го принципот на транспарентност, не сакајќи самите се претвораат во „генератор за мотивирање внатреопштествена продукција на недоверба, шпекулации, претпоставки и лажни вести што внесуваат дополнителни турбуленции во државава?“
Министерот за надворешни работи тврди дека Македонија деновиве е претворена во центар за лиферување шпекулации, полувистини и лаги во врска со протоколот
Ниту по еден месец не стивнуваат реакциите во низа, од страна на различни групи граѓани во врска со „францускиот предлог“:
И на неговите содржински елементи, и како целина, но и како форма, која процедурално се вметна во протоколот, односно во преговарачката рамка на земјава со Европската Унија.
Во истиот контекст, дополнително, како последица од последните решенија на мешаната македонско-бугарска историска комисија произлегоа и нови верижни реакции на незадоволство на граѓани од различна општествена провениенција (академска, бизнис итн.).
Министерот за надворешни работи смета дека незадоволството е креирано од страна на политички центри што пласираат лажни вести
За шефот на дипломатијата, Бујар Османи, ова незадоволство е креирано од страна на политички центри што намерно пласираат лажни вести за да го капитализираат народниот револт во своја политичка полза.
– Македонија деновиве е претворена во центар за лажни вести. Значи, можам најодговорно да кажам дека 95 проценти од сите шпекулации, од сите информации во врска со „францускиот предлог“, во врска со протоколот, во врска со решенијата на комисијата се намерно пласирани лажни вести од страна на политички центри, со цел да се искористи емотивниот карактер на оваа дебата во дневнополитичката борба – изјави неодамна Османи.
Меѓутоа, повеќе политички аналитичари, социолози, комуниколози и дипломати од кариера со повеќедецениско искуство, со кои се консултиравме, посочуваат на начинот на кој се третирани клучните информации од јавен интерес од страна на државните институции. Тој начин на нетранспарентност е несоодветен, при што од самите институции несвесно си креираат и продуцираат јавно незадоволство, нагаѓања, шпекулации, претпоставки што се шират меѓу граѓаните како „концентрични кругови на политички озборувања“, карактеристични за ова време кога, поради информативната глобализација и социјалните мрежи „секој е запознаен со сѐ и секој зема право да коментира сѐ“. Поради таквиот однос и начин на третирање на информациите од јавен интерес од страна на државните институции, дилемата што отворено се наметнува во јавноста е дали, всушност, самиот министер Османи, како и министерството со кое раководи, сѐ повеќе игнорирајќи го принципот на транспарентност, небрежно се претвораат во генератор на мотивирање внатреопштествена продукција на шпекулации, претпоставки, па и лажни вести. Прво, со тајноста во целиот процес на преговори со Бугарија, во кој се тврдеше дека идентитетот и јазикот не се дел од преговорите, потоа со априори прифаќањето на „францускиот предлог“ спротивно на изразената волја на лавовскиот дел македонски граѓани, за на крајот да се обидат да скријат содржини на протоколот до последен момент, дури и од оние што требаше да го одобрат во Собранието, со тврдење дека станува збор за обичен билатерален документ што нема никаква врска со преговарачката рамка на земјава?!
Во услови кога нема јасно кажани ставови, кога нема транспарентност, многу е лесно да се јават „конспирации“
Аналитичарите со кои се консултира весникот се убедени дека поради гореспоменатите причини на погрешна стратегија со менаџирање на информациите, обиди за прикривање значајни информации што се однесуваат на граѓаните, нивните национални чувства и определби, како и за прашања поврзани за карактерот на државата во која тие живеат и идентификувањето на односите и релациите со неа, испаѓа дека креаторот на лиферување на полуинформациите, креираните изјави, хибридниот приод за создавање перцепции, па во тој контекст и на генерирање на лажните вести во оваа држава се нашите институции, каде што предничат МНР и министерот Османи.
– Претпоставки, полувистини и лажни вести се подготвуваат кога нема транспарентност. Штом нема транспарентност, средината е подложена на приказни, на креирање различни перцепции и сето тоа доаѓа од тоа дека ним им одговара тоа. Во услови кога нема јасно кажани ставови, кога нема транспарентност во целата постапка и процедура, многу е лесно да се јават разни конспирации. Тоа намерно се прави бидејќи во одредени моменти ним тоа им одговара, дел од тие лажни конспирации, претпоставувам, се подготвени и од нивна страна, сè со цел на крајот тие и да го ублажат ударот бидејќи пласираат погубни сценарија, од друга страна излегува некое половично решение. Тоа значи дека ним некој овие работи им ги подготвува и не треба да се потценуваат ниту јавноста, ниту, пак, граѓаните дека се паднати од Марс и дека не им е јасно дека власта е таа што ги креира овие лажни вести – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Според него, јасно е дека станува збор за пиар-стратегија со која, всушност, „ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните“.
– Пиар-стратегија за ваква работа може да се спроведе во одреден момент, но потоа ако континуирано оди, таа веќе нема да поминува. Кредибилитетот на институцијата ќе падне, а во овој случај на министерот Османи, кој може неповратно да ѝ наштети и на целата влада. Дотаму е стигната работата, само што политичките субјекти во земјава, без разлика дали се позиција или опозиција, живеат во некаква илузија дека народот им верува. Граѓанската доверба е во слободен пад. Затоа, најлесно е да се каже ова се лажни вести – истакнува Пекевски.
Професорката Солза Грчева нема дилема и многу отворено го идентификува „центарот што ги пласира лажните вести во земјава“. Таа остро додава дека токму министерот Османи треба да биде доблесен и јасно да каже кои се тие центри што шират лажни вести.
– На кои центри на моќ мисли Османи, нека ги посочи. Тие се единствените центри на моќ, а ние сме единствениот центар на немоќ како да им се спротивставиме. Граѓаните не можат да бидат генератори на лажни вести. Сите сме писмени и ги прочитавме и протоколот и францускиот предлог. Толку многу се јасни внатре, алгоритамски е јасно што треба да направи Македонија, а сето тоа е крајно неприфатливо за земјава. Ако некој креира ветар и магла околу сите овие документи и околу нашето попуштање, тоа е министерот Османи. Секоја работа што доаѓа од преговори со која било соседна држава, испаѓа дека е лажна вест. Нека не си ги бараат во друг двор лажните вести. Целосно нетранспарентен процес! Ниту пратениците не ги видоа овие документи, а не, пак, народот да ги види! Според тоа, оттаму е генераторот на лажните вести, а не луѓето. Нè лажеа за Преспанската спогодба, зошто да им веруваме сега? – вели Грчева.
Според неа, обвинувањата дека некој тука шири лажни вести е само да се избега од фактот дека мнозинството граѓани во земјава не ги поддржуваат овие политики.
– Ова е борба за ништо, изневерени се нашите очекувања. Нема тука лажни вести, нема тука некакви центри за креирање лажни вести. Ако имате вие 80 отсто од Македонците да се против овој договор и 55 отсто од малцинствата од другите етникуми, со исклучок на Албанците, па дури и од нив имаше 20 отсто што се против овој договор, значи немате никакви лажни вести, туку многу добро луѓето ги исчитуваат сите овие предавства, а министерот е знаменосец на тие наши погубни преговори и договори – констатира професорката Грчева.